567
0
Германска невладина организација ќе лобира за Македонија
Со бел двокатен автобус на пат долг 8000 километри низ дванаесет земји, група од дваесетина Германци со пари од ЕУ го информираат народот за можностите за директна демократија и како да ги остварат своите права. Автобусот денеска стаса во Скопје. Членовите на германската невладина организација “Омнибус за директна демократија“ сметаат дека во Македонија постои дефицит на демократија, но состојбата во Германија или останатите европски држави не била подобра. Македонските граѓани им оставиле впечаток дека знаат за проблемот со демократијата, но повеќе се интересирале за спорот за името со Грција, за влезот во ЕУ и за визната либерализација. Затоа, членовите на “Омнибусот“ ветуваат дека ќе лобираат за Македојија кога ќе се вратат во Германија.
- Македонија е доста изолирана, бидејќи има многу пречки за да влезе во ЕУ и затоа сакаме да лобираме за да и помогнеме на Македонија во тоа. Кога ќе се вратиме во Германија ќе се залагаме за Македонија, ќе ја поддржуваме како земја. Работата е да се промени свеста, да се информира народот за Македонија и да се има секогаш на ум дека самиот процес на демократија и се што се случува доаѓа од доле – од народот, изјави Јоханес Штуткен од “Омнибус за директна демократија“ од Германија.
Членовите на германската невладина организација ги советувале македонските граѓани да се организираат и гласно да зборуваат за овие проблеми со кои се соочува земјата. По Македонија, автобусот на демократијата оди на речиси едномесечна турнеа во Грција.
21.09.2009, 16:56