1215
0
Ив Летерм ги збуни македонската, косовската и хрватската влада
Променливата агенда и неодлучноста на белгискиот премиер Ив Летерм ги збуни владите во регионот. По вечерата со премиерот Груевски, Летерм половина час размислувал дали да преспие во Скопје или да замине од земјава. Тргнал, но наместо да полета кон Загреб, Летерм се вратил да преноќи во Скопје, дознава Канал 5 од двата кабинета. Наместо на состанок со хрватската премиерка Јадранка Косор и претседателот Иво Јосиповиќ, Летерм со делегацијата утрово со автомобили заминал за Приштина. Авионот останал на “Александар Велики“, а по 16 часот летнал кон косовскиот главен град, за оттаму да го однесе во Загреб.
Неизвесно беше и вчерашното пристигнување на белгискиот премиер во земјава. Поради снежно невреме не можеше да слета на “Александар Велики“, по што беше испратен на солунскиот аеродром “Македонија“. По долго чекање на аеродромот, Летерм одлучи да направи уште еден обид и авионски да пристигне во Скопје. Недоумици постоеја и за местото на состанокот со Груевски. Од кабинетот на белгискиот премиер брифираа дека тој ќе се случи во хотелот “Стоун бриџ“ поради недостаток од време. Сепак, на крајот двајцата премиери се сретнаа во Владата.
Александар Методијев
09.03.2010, 17:17