Пападопулу реплицира на писмото од ЗНМ

вторник, 22 јули 2008, 19:07

Реакцијата на ЗНМ во која се обвинува дека со забраната македонските новинари да влезат во Грција, се селектираат настани кои можат да се следат предизвика протест од грчката амбасадорка во земјава Пападопулу. Во писмото што го испрати до јавноста, Пападопулу проценува дека ЗНМ ја искривува вистината и не им служи на новинарските принципи и на слободниот и непристрасен проток на информации. Според Пападопулу грчката канцеларија за врски сторила се за да им го овозможи престојот на новинарите во Грција, иако тие аплицирале за виза буквално во последните 24 часа. Проблемот на граница настанал поради тоа што новинарите немале документи за опремата која ја носеле со себе. ”Во демократско општество, новинарите се канаринец во јагленов рудник. Се додека новинарите пеат, воздухот е чист и демократијата цвета. Но канаринците мора да пеат слободно и ослободени од политички влијанија. Кога канаринецот е присилен да пее демократијата умира - стои во писмото на Пападопулу. Од ЗНМ пак проблемот со забраната македонски новинари да ја поминат границата го лоцираат во Министерството за информирање во Атина кое издало акредитација за забрана за влез со новинарска опрема. Факт кој Пападопулу не треба да се обидува да го скрие велат во ЗНМ. - Спречувањето на медиумските екипи да влезат во Грција да се сведе на чисто техничко, бирократско или административно прашање, во најмала рака е чудно. На новинарите им било забрането да влезат со опрема т.е. како медиумски екипи, а им било дозволено како обични граѓани. И сето ова било условено, не како што се вели во писмото на Грчката канцеларија за врски во Скопје поради непоседување документи за опрема туку, со акредитација издадена од Министерството за информации во Атина - вели Газменд Ајдини, генерален секретар на ЗНМ. На однесувањето на грчките власти, денеска протестираше медиумската организација на североисточна Европа Сеемо - во писмото кое тие го испратија до премиерот Караманлис и министерот за надворешни работи Павлопулос се вели Од Грција како членка на Европската унија очекуваме да ги подржи правата за слобода на новинарите, еден од столбовите на демократијата. Се залагаме да направите се што е во ваша можност да осигурате дека вакви настани нема да се случат во иднина , апелира Сеемо.