Љубителите на фудбалот кои решија да купат блок-влезници за трите домашни натпревари, добија ваучери, кои треба да ги заменат со пластифицирани картички.
Сега, од ФК Вардар информираат дека замената за пластифицираните влезници ќе се врши по мечот со Зенит.

- Би сакале да ги информираме сите кои поседуваат ваучери кои ги добија при купување на блок билетите за натпреварите од Лигата на Европа, ќе можат со истите да влегуваат на натпреварот со Зенит кој што ќе се игра во четврток (14 септември). Меѓутоа потоа ваучерите ќе мора да ги чуваат и да ги заменат со пластифицирани картички. Дополнително ќе следува информација кога точно ќе се заменуваат ваучерите со електронски картички.

Ваучерите за блок билети за натпреварите од Лигата на Европа се продаваа до неделата, а од вчера почна продажбата на поединечните билети за мечот со Зенит во четврток.

Во соопштението на ФК Вардар објавено на официјалната веб страница на клубот се посочува дека при купување на билети за малолетни лица, ќе треба да се поседува дополнителна идентификација (ученичка или здравствена книшка), или лична карта од родител/старател.

Натпреварот од 1. коло во групната фаза на Лига Европа меѓу Вардар и Зенит ќе се игра во четврток на Националната арена „Филип Втори“ во терминот од 21 часот и 5 минути.

Датум на објава: вторник, 12 септември 2017 во 17:28
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар