Земјотрес од над 7 рихтерови степени доаѓа во Истанбул, вели и градоначалникот на истанбулската општина Бујукчекмеџе, Хасан Акѓун, зголемувајќи ја паниката во која три дена живее 15 милионската метропола.

- Денеска урнавме шест згради, кои ќе бидат направени според нови стандарди. Бројот на евентуални жртви мораме да го намалиме на минимум. Во спротивно, Истанбул може да се претвори во масовна гробница, зашто земјотресот ни чука на врата и наскоро ќе се случи, вели Хасан Акгун, градоначалник на истанбулската општина Бујукчекмеџе.

Алармот за можен силен земјотрес во Истанбул пред три дена го вклучи сеизмологот Халук Озенер од Босфорскиот институт за земјотреси. Тој предвидува епицентарот да биде во водите на Мраморното море, на кое лежи најголемиот турски град. Своето тврдење го базира на поместувањето на анадолската и егејската плоча кон запад, што ќе резултирало со акумулација на силен напон.

- Земјотрес во Мраморното море, што ќе го погоди и Истанбул со интензитетот помеѓу 7 и 7,2 рихтерови степени воопшто не е изненадување. Има голема концентрација на енергија, па оттука шансата за моќен потрес е голема. Да се помолиме ваквиот земјотрес да се случи подоцна, за да имаме еден Истанбул, кој ќе биде подготвен, изјави пред три дена Халук Озенер, сеизмолог на Босфорскиот институт за земјотреси.

Стравувањата од катастрофален земјотрес дополнително ги зголеми и денешниот нов потрес од 5 рихтерови степени, што го погоди Чанаккале, 300 километри од Истанбул, кое пред четири дена два пати се тресеше на 5,3 рихтерови. Пред 18 години земјотрес од 7,5 степени го погоди Истанбул и однесе речиси 18 илјади луѓе.  


Датум на објава: петок, 10 февруари 2017 во 14:13
Гоце Герасимовски
Обновено во: 14:36

коментари

остави коментар