Медијаторт и шефот на грчката дипломатија остварија средба во Брисел, а детали од разговорите откри самиот Коѕиас.

„Имавме многу интересна и сериозна средба со господинот Нимиц, кој неодамна го посети Скопје. Ме извести за климата таму. Од моја страна, го известив за тоа како размислуваме ние, по средбите што ги имавме со новата влада на нашиот северен сосед. Се согласивме да останеме во контакти и да бараме начини на кои би можеле да отвориме еден процес за изнаоѓање решение.“ – рече Коѕиас по средбата со Нимиц во Брисел, а одговарајќи на новинарско прашање дали постојат знаци на добра волја од новата македонска влада, шефот на грчката дипломатија вели дека на комуникациско ниво да, но суштински треба да покаже.

Со идентичен став во однос на македонската влада Коѕиас излезе и в интервјуто за Euractiv кусо пред посетата на Брисел и средбата со медијаторот Нимиц.

Новата влада е покоректна, но во суштина нема ништо ново, Европа треба да ја  едуцира власта во Скопје за политички компромис и консензус, и да не создаде нов Груевски,  а за решение, најдобро е да нема мешање на трети страни – рече шефот на грчката дипломатија во интервјуто.

„На моите европски пријатели им велам, немој да создадете втор Груевски, бидејќи Заев ги има сите предуслови да разбере и да се отвори кон реално решение. Ќе работиме за ова решение и се надевам дека ќе добиеме одговор и ќе се избегне мешањето на трети страни кои ќе го отежнат пристапот кон ова решение. “ - вели Коѕиас, кој уште еднаш ги повторува неговите веќе добро познати ставови, дека нашата земја треба да ја научи културата на политички компромис и консензус, а Европа да не не разгалува како што го правела тоа во минатото.

„Сегашната влада во земјата го намали тонот (во однос на претходната реторика) и на комуникациско ниво, би рекол, дека е покоректна. Но, во суштина, немам видено ништо ново. Сепак, чекам. Кон крајот на август ќе одам во Скопје и се надевам дека со министерот за надворешни работи ќе разговараме за прашањето,затоа што последниот пат не се осврнавме на тоа. “ – коментира шефот на грчката дипломатија.



Датум на објава: понеделник, 17 јули 2017 во 17:24
Сања Ристовска
Обновено во: 21:05

коментари

остави коментар