На фестивалот во Кошице, Словачка, Македонскиот народен театар ќе настапи денеска во 17 часот. Овој фестивал во Кошице, како што истакнуваат од МНТ, е значаен културен настан на кој учествуваат театарски куќи од Полска, Чешка, Унгарија, Македонија и други.

- Традиционално, еднаш годишно во Брест, Белорусија, театрите од целиот свет на белоруската публика ѝ ги прикажуваат своите најдобри дела, каде што ги споделуваат креативните искуства и трендови на модерниот театар. Оваа година селективната репертоарска програма на Меѓународниот театарски фестивал во Брест, на кој учествува и Македонскиот народен театар, ќе опфати широк спектар на драмски претстави, куклен, музички и физички театар, а ќе учествуваат 14 земји: Белорусија, Грузија, Унгарија, Казахстан, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Полска, Русија, Украина, Финска, Чешка и Естонија, се наведува во соопштението од МНТ.

Во селективната фестивалска програма ќе настапат 28 театарски куќи, а фестивалот ќе трае до 17 септември. Македонскиот народен театар ќе се претстави на 12 септември со почеток во 18 часот. Претставите ќе се играат на големи и мали сцени, на различни локации, како и на плоштадот „Ленин“ во Брест.

По Меѓународниот театарски фестивал во Белорусија, екипата на „Разговори во четири очи“ во состав: Амернис Нокшиќи-Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Дарја Ризова, Катина Иванова, Благој Веселинов и Дамјан Цветановски ќе отпатува за Србија, каде што на 15 септември ќе игра во театарот во Суботица.

Од МНТ истакнуваат дека во 2016 година претставата „Разговори во четири очи“ имаше големи фестивалски успеси во Санкт Петербург во Русија на Меѓународниот театарски фестивал АртОкраина, Фестивалот ФЕМАРТ во Косово и Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.

„Разговори во четири очи“, велат од МНТ, е претстава која го збогатува своето фестивалско искуство надвор од границите на Балканот./МИА.

Датум на објава: недела, 10 септември 2017 во 10:24
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар