Министерот за култура Роберт Алаѓозовски го образложи Предлог-законот и посочи дека заради несоодветното законско решение, Советот за македонски јазик во неколку наврати укажувал на неприменливоста на новоутврдениот начин на полагање на испитот за добивање на лекторска лиценца.

- Се бараше измена на Законот за употреба на македонскиот јазик со која повторно ќе се воведе стариот начин на полагање на лекторскиот испит. Имено, до 2012 година лекторскиот испит се полагаше пред комисија, составена од стручни лица од соодветната област, а формирана од страна на министерот за култура. Заради деблокирање на процесот за полагање на лекторскиот испит, кој датира од 2013 година, се предлага измена во текстот на овој Предлог-закон, односно испитот да се полага пред комисија, а не компјутерски за што се потребни соодветни измени на неколку одредби, изјави Алаѓозовски.
Пратеничката Елизабета Канческа Милевска укажа дека Министерството за култура тука нема никаква обврска, бидејќи тоа паѓа на комисијата за што, како што рече, треба да се води сметка за капацитетот при изборот.

Членовите на Комисијата за култура едногласно го усвоија заклучокот со кој овој Предлог-закон во прво читање е прифатлив и тој оди на пленарна седница.

Претходно, Комисијата едногласно го усвои заклучокот со кој Службата на Собранието треба да подготви и испрати писмено барање до сите државни органи, јавни служби, научни институции, здруженија на граѓани и други заинтересирани субјекти најдоцна до 1 ноември 2017 година до Комисијата да достават предлози за одбележување на јубилеи и значајни настани и личности во текот на 2018 година. Комисијата за култура треба да основа работна група за разгледување на предлозите, чиј состав ќе биде дополнително утврден.

Пратеникот Енес Ибрахими предложи, бидејќи во Македонија нема доволен број институции со кои се застапени турската заедница и другите заедници, Комисијата да испрати допис и до Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците и до независните организации и агенции, кои се занимаваат со правата на сите помалубројни заедници, како и до барем една невладина организација од сите заедници. 

Датум на објава: четврток, 14 септември 2017 во 12:20
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар