- Постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција гледана преку остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здрави економски фундаменти, заклучил Комитетот.

Од НБРМ наведуваат дека по падот на економската активност на БДП во второто тримесечје, високофреквентите показатели за третиот квартал даваат различни сигнали.
- Поволни движења се забележуваат во градежниот сектор и трговијата, а воедно поволни се и сигналите коишто ги даваат и анкетните истражувања за економската доверба. Од друга страна, движењата во индустрискиот сектор се понеповолни во однос на вториот квартал. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за третото тримесечје се ограничени, заради што тешко може да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активоста во овој квартал. Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првата половина од годината создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5 проценти за цела 2017 година, се вели во соопштението.
Податоците за инфлацијата за септември укажуваат на одредено забавување на годишната стапка на инфлација на 1,7 проценти, при што просечниот годишен раст на цените во првите девет месеци изнесува 1,1 процент.

Првичните монетарни податоци за септември годинава покажуваат намалување на депозитната база на банките на месечна основа, предизвикано од падот на корпоративните депозити, додека штедењето на населението продолжило да се зголемува, со забележани поволни поместувања во неговата валутна структура. Нивото на вкупните депозити на крајот на септември е пониско во однос на априлските проекции за третиот квартал.
- Во текот на септември, на кредитниот пазар, банките продолжиле да обезбедуваат кредитна поддршка на секторот население, додека кредитирањето на корпоративниот сектор забележало пад, така што вкупните кредити на крајот на септември, се нешто пониски од очекувањата во рамки на априлската проекција, соопштува НБРМ.

За октомврискиот период на задолжителната резерва на банките кој започнува денеска, се предвидува зголемување на ликвидноста под влијание на движењата кај автономните фактори, што, истакнува НБРМ, ќе овозможи надоместување и стабилизирање на ликвидносниот потенцијал на банките.
Девизните резерви за септември се намалени во однос на крајот на јуни годинава, што, според НБРМ, главно се должи на редовното намирување на обврските на државата врз основа на надворешниот долг. Притоа, стои во соопштението, сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона.

Според НБРМ, движењата на девизниот пазар се релативно поволни, при што од август наваму Народната банка интервенирала на девизниот пазар со нето-откуп на девизи. Во септември, во услови на повисока понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар, Народната банка интервенирала со нето-откуп во износ од девет милилиони евра од банките поддржувачи. Поволните движења на девизниот пазар во трансакциите со клиенти продолжиле и на почетокот на октомври, што овозможи натамошен откуп на девизи од страна на Народната банка, во износ од 13,5 милиони евра, заклучно со 9 октомври.

Датум на објава: четврток, 12 октомври 2017 во 12:52
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар