Како што соопшти МНР, во рамките на своето обраќање Димитров го претстави оптимизмот, кој завладеа во македонското општество после долгата криза, но и зголемените очекувања на граѓаните како од новата Влада, така и од меѓународната заедница во насока на долгоочекуваната реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција.

Притоа, се додава, министерот ја претстави реформската агенда содржана во Планот на Владата 3-6-9, нагласувајќи дека преточувањата на амбициозните планови нема да претставува лесен чекор, бидејќи ниту една голема и суштински позитивна амбиција не е лесна. Се осврна на областите опфатени со реформите во пединечни области како: владеење на правото, изборен систем, силни, професионални институции, развој на здрави механизми на контрола, особено независно судство и слобода на медиуми.

Исто така, се додава, шефот на дипломатијата даде приказ и на новата визија при негување на односите со соседите и потребата од развивање на пријателства и меѓусебно разбирање.

- Обраќањето предизвика забележителен интерес, како од аспект на суштината, така и од аспект на непосредниот и искрен пристап, а воедно и беше поздравено од повеќе делегации, при што главните пораки беа со позитивен и охрабрувачки призвук. Дискусиите околу реформските амбиции на домашен план и надворешните аспирации на Македонија продолжија и за време на работниот ручек со група на амбасадори на земји учеснички во ОБСЕ и други меѓународни претставници, организиран во чест на министерот од страна на австриското претседателство со Организацијата, стои во соопштението од МНР.

Министерот Никола Димитров, се наведува, за време на работната посета на ОБСЕ, оставри и средба со генералниот секретар на Организацијата, Томас Гремингер, кусо видување со Специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир, при што беа разменети мислења за идни активности и меѓусебната соработка и поддршка за реформските заложби на Владата.

Во рамки на работниот престој на Виена, министерот се сретна и со генералниот секретар во МНР на Република Австрија, Михаел Линхарт со кого разговарале за повеќе прашања од интерес на двете земји. Димитров, се посочува, изразил благодарност за досегашната поддршка од Австрија за европските аспирации на земјата и изразил надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, за што било изразено силно уверување од австриска страна, за која, проширувањето на ЕУ ќе биде високо на агендата во рамки на нивното претседавање, стои во сооштението./МИА

Датум на објава: четврток, 12 октомври 2017 во 18:38
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 18:59

коментари

остави коментар