Вина не чувствуваат ниту второ и трето обвинетите Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ. Претставниците на “Трансмет”, “Силекс Неметали” и “Вато”, фирми кои СЈО ги товари дека со невистинити документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра се изјаснија дека правните лица не се кривично одговорни.

На воведното обраќање одбраната истакна дека обвинетите никого не измамиле и дека се погрешно обвинети. Адвокатот  Ванчо Митев на рочиштето рече дека откако ги слушнал незаконски прислушуваните разговори на високи личности од власта, очекувал дека тие ќе седнат на обвинителната клупа, а не неговиот клиент Авировиќ, за кој вели дека не е играч од висок ков за да игра големи игри.

Обвинителот Гаврил Бубевски во воведните зборови истакна дека со доказите што ќе ги презентираат, ќе докажат дека обвинетите биле водени од убедувањето дека криминалот се исплати и дека трупањето пари и збогатувањето на штета на граѓаните е активност што поминува во Македонија. Тој рече дека ќе докажат дека со невистинити документи, во случајот биле погазени принципите на здравата конкуренција и дека биле изиграни правилата на јавните набавки. Бубевски не ја исклучи можноста за проширување на постапката со нови лица.

На почетокот на рочиштето одбраната побара да се одложи расправата затоа што не им биле дадени сите докази на увид, по што обвинителот Артан Ајро им ги предаде на одбраната сите докази за случајот, освен незаконски прислушуваните разговори, кои ги има само Судот. По предавањето на материјалите судијката не дозволи одложување и ја почна главната расправа.


Датум на објава: вторник, 14 ноември 2017 во 14:29
Михаела Димовска
Обновено во: 15:11

коментари

остави коментар