Захариева изјави дека очекува Србија и Црна Гора да отворат уште поглавја во текот на бугарското претседавање со Европската унија, како и дека постои шанса Албанија и Македонија да ги започнат пристапните преговори.

Захариева, ден откако Бугарија официјално го одбележа почетокот на претседавањето со ЕУ, изјави дека земјите од Западен Балкан се важни за геополитичката сигурност и дека доколку ЕУ “не е таму, некој друг ќе дојде“, пренесува порталот Euroactiv.com.

„Не постои вакуум, Турција и Русија се заинтересирани веќе со децении, затоа мораме да им ја покажеме нашата политичка поддршка, да им покажеме дека, ако и кога ќе бидат спремни, вратата ќе биде отворена“ – изјави пред новинарите шефицата на бугарската дипломатија.

И претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер порача дека бугарскиот приоритет – Западен Балкан – исто така е приоритет на Европската унија.

„Вашиот приоритет – Западен Балкан, е и наш приоритет“ – нагласи Јункер при посетата на Софија, каде разговараше со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, пренесува бугарската агенција BTA.

Јункер изјави дека на Балканот треба да му се отвори врата, инаку “би се заканила опасноста Европа повторно да биде сведок на тамошните несреќни случувања од 90-тите“.

„Јас, никако не би сакал да се соочам со такви случувања“ – изјави Јункер на заедничката конференција.

Јункер наведе дека и претходно објаснил дека “до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија, значи до 1 јануари 2020, нема да биде можно ЕУ да прими нови членки, бидејќи не можат да се исполнат условите за тоа“, но истакна дека ќе се “работи на тоа“.

Датум на објава: петок, 12 јануари 2018 во 18:24
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар