Ромите се најдискриминирани од пограничните служби при обид за патување во земјите - членки на Европската унија, обвинуваат од невладината организација Рома. Според оваа невладина организација, оние кои се обиделе да посетат свои роднини и пријатели и покрај претходно обезбедените неопходни документи, граничната полиција ги вратила со образложение дека бараат азил.

Од Граничната полиција тврдат, обвинувањата не се основани. Поради недостиг на документи подеднакво не им е дозволен излез од земјава на сите кои сакаат да патуваат во земјите од Европската унија, а притоа не ги исполниле сите услови. Нормите и критериумите се од ЕУ, а македонските гранични служби со обврските за интегриран систем само ги спроведуваат.

Од МВР информираат, од почетокот на годинава до пред четири дена од граничните премини кон Србија, Бугарија, Косово, Албанија и Грција по разни основи не им е дозволен излез на 3.686 граѓани со македонски пасош, најмногу поради обид да патуваат во земјите на Европската унија без обезбеден повратен авионски билет, гаранција, лично осигурување или без пари. Обидите да се излезе од земјава и да се бара азил благовремено се спречуваат и од причини што Македонија не е земја од ризично подрачје.

Датум на објава: сабота, 30 август 2014 во 14:32
Зоран Момировски
Обновено во: 15:21

коментари

остави коментар