На фармата, инаку донација од израелската влада, што ќе биде своевиден практичен дел од наставата на тамошното средно земјоделски училиште, земјоделците ќе можат да се стекнат со израелските искуства за висококвалитетно производство на потребното семе за житните и градинарски култури.

- Преку младите луѓе, односно учениците, ќе допреме до совеста на земјоделците да се преориентираат кон висококвалитетно производство, но со претходна нивна квалификација за одгледување на висококвалитетен семенски материјал - изјави Љупчо Димовски, министер за земјоделство.

Изградбата на ваков комплекс е проектот, што произлезе од аранжманот за соработка во областа на земјоделството склучен лани помеѓу Македонија и Израел.

- За нас ова е уникатно искуство, бидејќи со потпишување на аранжманот на владите на Македонија и Израел, Македонија се вброи во седумте земји во светот кои што ги споделуваат овие можности за доквалификација, односно обука на земјоделците за производство на висококвалитетен семенски материјал, базиран врз искуството на израелските земјоделци, а презентиран преку МАШАВ, израелската државна агенција за меѓународен развој и соработка – појасни Ели Бен Матитјаху, директор на проекти во МАШАВ.

Попластичен пример за тоа како ќе функционира демо фармата даде домаќинот, светиниколскиот градоначалник Зоран Тасев, инаку земјоделски инженер по вокација.

- На единствената засега македонска мини-демо фарма имате мини-расадник опремен според сите потребни светски стандарди за висок квалитет, со неопходните мерачи за влажност и температура, засенчувања, благомерачи и останати придружни сегменти потребни за да се произведе висококвалитетно семе - објасни Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе.

Во рамките на стекнување на израелските искуства, предвидени се обуки и специјализирани курсеви во сферата на ефективното наводнување на посевите, соодветна примена на ѓубривата, подготовка на земјата за садење, односно комплетно менаџирање на целиот процес од семе до готов земјоделски производ. Затоа, тука ќе се обучуваат и советници од Агенцијата за поддршка на развој на аграрот, експертите од надлежното министерство и земјоделските инспектори.

Датум на објава: среда, 24 април 2013 во 16:30
Дејан Ефремов
Обновено во: 18:07

коментари

остави коментар