До 15ти септември посетителите ќе можат да ги видат 55 графички листови на  50 автори, студенти на катедрата за графика од факултетот за ликовна уметност. Дела кои вчера изнудија пофалби од посетителите.

Со финансиска помош од министерството за култура на Република Македонија и потпомогнати од македонскиот конзулат во Солун, изложбата која секоја година се одржува на факултетот за ликовни уметности во чест на починатиот професор и основач на факултетот Драгутин Аврамовски Гуте за прв пат се организираше и надвор од Македонија.

„Многу сме задоволни од посетата иако не беше многубројна, меѓутоа дојдоа голем број од професорите од Аристотел универзитетот, од графичкиот оддел како и проректорката за меѓународни прашања, така да ни причинија голема чест и задоволство“  – изјави Славица Јанешлиева Бачварска – професор на факултетот за ликовни уметности.


Професорката Јанешлиева Бачварска вели дека по инсистирање на професорот Ксенофон Сахинис од солунскиот универзитет соработката на релација Македонија – Грција ќе продолжи со изложба на студентски графики во галеријата на факултетот за ликовни уметности во Скопје.

„Обично уметноста секогаш претставува мост за секаков вид прашања, бидејќи не користи, некогаш користи говорен јазик, но во главно се визуелниот и ликовниот кој што нема граници. Мора да се искористи фактот дека ние сме толку близу, толку сме блиску по менталитет,а во принцип мислам дека соработката не била на некое големо ниво, така да мора овие 2 работи кои ги споменав да се искористат и нашата соработка да продолжи и понатака“ – изјави Славица Јанешлиева Бачварска – професор на факултетот за ликовни уметности.

Македонија продолжува да биде дел од културните манифестации во Грција. Пред 2 седмици во Солун на фестивалот за краткометражен филм, учествуваше Дина Дума. 

Датум на објава: среда, 02 септември 2015 во 12:58
Сања Ристовска
Обновено во: 14:55

коментари

остави коментар