Панихида, химна и длабок поклон – 23 години подоцна повторно оживеаја болката и сеќавања за осумтте херои кои во заседа го загубија животот во месноста Љуботенски бачила – недалеку од местото на нивната смртта, во с.Љубанци пред споменикот во чест на овие бранители денеска се положи свежо цвеќе, од роднините, граѓаните и бројни државни делегации.
Болката и по 23 години останува иста, Благица Златевска – мајка на Ивица Златевски, кој со 23 години е најмлад помеѓу загинатите... Тоа утро синот го очекувала дома, а, наместо него, дошле најстрашните вести, се сеќава таа. Од тој ден, две децении живее во тага и непребол.
-Јас го чекам, ќе ми дојде во 8 и 10 од Љуботенски бачила, мајко каде да поминам, што да поминам, 8 часот, мојот Ивица го нема, добивам вести во 8 и 30, нагазиле на бомба. Родител да не си, што и да кажам си создавам поголеми маки. Влегувам во соба, само слики гледам, само сликите ги редам, сите слики ми се врамени од него, ноќе и дење јас зборувам со него. Татко му почина 2010, цркна, не да умре од нешто, од жалови умре човекот.- Благица Златевска – Мајка на Ивица Златевски
Оние кои го преживеаја нападот, страотните слики никогаш нема да ги заборават, а ги паметат и последните мисли пред експлозијата. Еден од нив е капетанот Китановски кој седел во кабината на камионот кој превезувал 16 лица. Експлозијата се случила на задната страна, предизвикана од две против-тенковски мини и 7кг ТНТ.
-Во задниот дел беше масакр, мислам тоа не се прераскажува и тие слики никако не можат да се заборават, имавме после извесен период откако се спушти таа прашина, навистина што да видиме и започна едноставно борба, ние Повреда на кичмата, бев прекршен, рамото ми беше излезено од панцирот, оваа цела страна искршена како што сум паднал, забите и немам тапанче.- Зоран Китановски – Капетан во пензија
По првичниот шок, Китановски и ветеранот Голубовски и покрај сериозните повреди возвратиле на нападот за да ги заштитат оние кои преживеале.
-Ми дојде само, без да знаеш, без да чувстуваш што ти е, како ти е, само телото работи... Влеговме во заседа, одма бевме нападнати, среќа што свесноста, кај еден до двајца, што бевме така по свесни, вративме на нападот, ги одбивме, ги заплашивме малку, застанаа, се држевме, се тргнавме на страна да ги одбраниме ранетите, знаевме дека има ранети доста. - Сашко Голубовски – Ветеран и воен инвалид од 2001
Сепак, Голубовски вели дека секоја година се повеќе бранителите се забораваат и се помалку се почитуваат, однос, кој, како и генералот Стојанче Ангелов се надева набргу ќе се промени.
-За жал 23 години подоцна се уште многу работи не се уредени со закон бранителите имаат право да бидат незадоволни, би рекол и лути, но јас сум оптимист и се надевам дека новата Влада најпосле ќе ја исправи големата неправда нанесена на дел од семејствата на загинатите кои ден денес не се обештетени.
Во нападот животот го загубија воените резервисти Бранко Јанев, Томе Димоски, Гоце Чанкуловски, Томислав Настески, Раде Јанковски, Ивица Златевски, Томе Бадарев и Марјанчо Бошковски.