Алкалоид уште еднаш подобар од Клаипеда

Ракометарите на Алкалоид по втор пат славеа победа над Драгунас Клаипеда. Попладнево македонскиот тим беше поуспешен во Литванија со 37:31 и со тоа ги потврди убедливите 11 голови предност од првиот меч одигран во Скопје.

На дуелот од 2.коло во квалификациите за Европскиот куп, Алкалоид одлично го почна натпреварот и по само осум минути игра водеше со (2:8). Во три наврати во првото полувреме имаше плус 9, а на полувреме заминаа со водство од четири голови (17:21).

Во 40. минута домаќините се доближија на само два гола разлика (24:26), но македонскиот тим зголеми на интензитет и повторно отиде на пет гола предност (25:30) на 15 минути пред крајот. Следуваше рутинирана завршница и сигурна победа за избраниците на тренерот Кирил Лазаров.

Со седум голови најефикасен во победничкиот тим беше Мартин Серафимов, по шест постигнаа Марко Митев и Арно Бинго.

Ова е прва победа за Алкалоид на гостински терен во евро-куповите./МИА

Формирана Комисија за следење на снабдувањето со електрична енергија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) формираше Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, клучен механизам за мониторинг и брза реакција.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) формираше Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, клучен механизам за мониторинг и брза реакција во услови на потенцијални кризни ситуации или нарушувања во енергетскиот систем.

На првиот состанок, како што соопштија од МЕРМС, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар. Формирањето на Комисијата е иницијатива на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со цел унапредување на енергетската безбедност и навремено справување со итни ситуации, како хаварии или природни непогоди.

Комисијата ќе биде одговорна за координација помеѓу сите релевантни институции, енергетски компании и експерти; за постојано следење на снабдувањето со електрична енергија; за анализа на пазарните состојби и потенцијалните ризици; за предлагање конкретни мерки за спречување на кризни сценарија.

- Формирањето на оваа Комисија е пример за проактивност во енергетскиот сектор. Целта не е само реакција на криза, туку и градење систем кој превенира и обезбедува стабилност за граѓаните и економијата, изјави министерката Божиновска.

Комисијата ќе се состанува редовно за да ги анализира состојбите, а во услови на прогласена криза, состаноците ќе се одржуваат секојдневно. Покрај претставници од Министерството, во работата ќе бидат вклучени и надворешни експерти за обезбедување на сеопфатни и навремени решенија.

Министерството ќе ја информира јавноста за сите препораки и одлуки на Комисијата, како и за конкретните чекори кои ќе се преземат за унапредување на енергетската безбедност.

Со оваа иницијатива, Македонија се позиционира како одговорен енергетски актер кој проактивно ги адресира предизвиците на современото енергетско опкружување, наведуваат од МЕРМС.

ПСЖ ги прекина преговорите со Донарума за нов договор

Преговорите меѓу Пари Сен Жермен и голманот Џанлуиџи Донарума за нов договор се ставени во мирување на иницијатива на клубот, пренесува новинарот Фабрис Хокинс.

Како што напоменува изворот, раководството на парижаните смета дека моменталното ниво на фудбалерот не соодветствува со зголемувањето на платата што го посакува италијанскиот интернационалец.

Донарума за ПСЖ игра од 2021 година. Оваа сезона, 25-годишниот голман забележа 12 настапи за францускиот клуб во сите натпреварувања и прими 14 гола. Два пати ја зачува својата мрежа „сува“. Договорот на Италијанецот со парижаните е до 30 јуни 2026 година.

Минатото лето, рускиот голман Матвеи Сафонов се приклучи на тимот на Луис Енрике за околу 15 милиони евра.

Хакерски напад во Хрватска: Напаѓачите поставија рок

На пристаништето Риека е извршен хакерски напад.

Според „X“, одговорноста за овој сајбер напад ја презела криминална хакерска организација наречена „8Base ransomware“.

Меѓу украдените податоци има фактури, сметководствени документи, лични податоци, потврди, договори за вработување и голем број доверливи информации и договори.

Рокот за откуп е 10 декември, а се уште не е објавено колку пари бараат напаѓачите.

Да потсетиме, Мајкрософт неодамна објави во својот годишен извештај за дигитална одбрана дека корисниците се соочуваат со неверојатни 600 милиони сајбер напади дневно поради растечките геополитички тензии во светот.

Извештајот ги опфаќа трендовите од јули 2023 до јули 2024 година, а Мајкрософт укажува на алармантно зголемување на сајбер нападите.

Оваа година, клучно откритие беше дека образовните и истражувачките институции станаа втор најтаргетиран сектор од ваков вид закани, додека ИТ секторот остана на првото место.

Овие институции, кои обезбедуваат информации за истражување и политика, често служат како тест пред да нападнат вистински цели, покажуваат истражувањата. Според Мајкрософт, руските, иранските и кинеските актери ги интензивирале сајбер операциите поврзани со активните конфликти.

Извор: Б92

притисни ентер