Американски Ф-16 се урна над Жолтото Море

Американски борбен авион се урна за време на тренинг лет над Жолтото Море, објавија денеска американските сили во Кореја (USFK).

Пилотот на борбениот авион Ф-16 се катапултирал по што јужнокорејската морнарица го извлекла од морето меѓу Корејскиот Полуостров и Кина, соопшти УСФК.

Пилотот е во стабилна состојба, а причината за несреќата се истражува.

Авионот полетал од американската воздушна база во Гунсан, во западна Јужна Кореја. Вкупно 28.500 американски војници се стационирани во Јужна Кореја. /МИА

Лекорни: Русите директно му се заканија на француски авион над Црно Море

 Францускиот министер за вооружени сили, Себастиен Лекорни, денеска изјави дека Русија директно му се заканила на француски авион над Црното Море, пренесе „Политико“.

-Пред еден месец рускиот систем за контрола на летовите се закани дека ќе го собори францускиот авион што леташе над Црното Море, иако патролиравме во меѓународната слободна зона, изјави францускиот министер за радио РТЛ.

Лекорни тврди дека сè поагресивниот став на Русија е резултат на проблемите на бојното поле во Украина.

-Тоа има свои корени од Студената војна и сега гледаме враќање на агресивниот руски став, изјави министерот, додавајќи дека Русија „си игра со границите“.

Руски воен брод неодамна се закотви во Баи де Сена, на северот на Франција, на самиот раб на територијалните води со цел да ја „заплаши“ Франција, коментираше Лекорни.

Францускиот министер денеска за првпат ќе ја посети Ерменија. Ерменија го прекинува својот историски однос со Русија, кој Франција сака да го искористи за да го зголеми своето влијание врз поранешните сојузници на Русија, меѓу кои се Молдавија и земјите од Централна Азија.

Ослободителна пресуда за Мијалков, Грујовски, Јакимовски во случајот „Трезор“

Ослободителна пресуда за поранешниот директор на ДБК, Сашо Мијалков за случајот „Трезор“.

Освен Мијалков, од обвинението за злоупотреба на буџетски пари за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК преку британската фирма Гама а со посредство на Финзи, ослободени се и останатите обвинети Горан Грујевски и Тони Јакимовски. Изрекувајќи ја пресудата, судијката Имране Селмани рече дека обвинителот Артан Ајро не доставил до судот финансиско вештачење за да докаже дека Мијалков и останатите вработени во МВР, го оштетиле државниот буџет за над 21 милиони денари, како што се тврдеше во обвинението, а судот, како што кажа, не можел да се стави во улога на вештак.

-Застапникот на обвинението не ја докажа штетата како и нејзината висина од причина што од страна на ЈО не е изготвено техничко и финансиско вештачење за да се утврди и разјасни објективниот елемент на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Во ситуација кога отсуствува финансиско вештачење направено од експерт по економски науки во однос на причинетата штета што е суштествен доказ предложен од страна на застапникот на обвинението на чија страна е товарот на докажување, судот не може да ја утврди причинетата штета и висината на причинетата штета на буџетот на РМ,- изјави – Имране Селмани – Судија.

Веднаш по објавувањето на пресудата обвинителот Ајро замина од судницата без да ја искоментира пресудата. За одбраната пак пресудата е правична.

-Самите докази на јавниот обвинител укажуваа дека не е исполнет описот на дејствијата на извршување што им се ставаат на товар на обвинетите онака како што е наведено во обвинителниот акт, а подоцна со измените на КЗ во обвинителниот предлог. Секако ние сме задоволни затоа што судот донесе законита и правична одлука во секој случај,- изјави – Љупчо Шврговски – Адвокат.

Претходно поради апсолутна застареност со измените на КЗ за истиот случај постапката запре и против обвинетиот Небојша Стајковиќ. Инаку ова беше повторено судење за „Трезор“ откако скопска Апелација ја укина првичната осудителна пресуда со затворски казни и го врати предметот на повторно одлучување.

Неизвесна битка во првиот круг од претседателските избори, кој може да очекува водство?

Интересна и неизвесна битка во првиот круг од претседателските избори, особено во албанскиот политички блок очекуваат дел од познавачите.

Според Зоран Иванов бројните кандидатури за иден шеф на државата во првиот круг значително ќе ги разводнат гласовите и смета дека ќе претстои мртва трка помеѓу Пендаровски и Силјановска во вториот круг.

Новинарот Бранко Героски, пак прогнозира убедлива предност на опозицијата уште во првиот круг и победа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори.

Познавачите не очекуваат напната и таканарачена црна кампања за престедателските избори, во која како што велат треба да доминира личноста на кандидатите, а не партиите кои застанале зад нив. Сепак, Героски стравува дека партиските лидери ќе им ја „украдат“ кампањата на претседателските кандидати, а Иванов очекува во неа да преовладуваат глобалните теми и евроинтергациите.

Со оглед на шареноликата кандидатска понуда за иден шеф на државата несомнено е дека помалите партии ќе им ги поматат сметките на поголемите. А во зависност од тоа на чие конто ќе се прелаат гласовите од помалите политчки партии може да доведе до пресврт во вториот изборен круг, смета Иванов.

Героски пак очекува резултатите од првиот изборен круг од претседателските да се пресликаат и на парламентарните избори.

притисни ентер