Се подготвува „Вечната куќа“ со која ќе биде отворен новиот објект на МНТ

Во новиот објект на Македонски народен театар денеска се одржа првата проба на претставата „Вечната куќа“, по текст на Јордан Плевнеш, а во режија на Дејан Пројковски. Со оваа претстава во септември свечено ќе биде отворен Театарот.


- „Вечната куќа“ се подготвува повеќе месеци за премиера. Таа е пишувана последниве 12-тина години, од мигот на откривање на првите документи во лисабонските архиви за една куќа покрај Вардар изградена во 1492 година, во таа клучна година на светската историја, рече Плевнеш на денешната прес-конференција.

Според него, метафората на вечната куќа го обединува целиот свет како едно единствено семејство.

Режисерот Пројковски информира дека музиката ќе биде на Горан Трајковски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимите на Благој Мицевски. Уште неколку соработници се очекува да се приклучат во текот на работата.

- Од денес, сите заедно почнавме една одисеја на новата сцена на Македонскиот народен театар, би рекол нашата нова фабрика за создавање соништа. Денес почнуваме да сонуваме и се радувам што околу 50-тина актери се зад мене, кои претставуваат душата, она најважното на Македонскиот народен театар, рече Пројковски.

На прес-конференцијата по првата читачка проба, освен авторската екипа присуствуваше и целиот актерски тим. Македонските актери истакнаа дека се задоволни од новиот објект, што имаат можност да создаваат и творат во возобновениот Македонски народен театар.

- За мене ова е нешто прекрасно, нешто што се сонува. Барем јас го сонувам некаде 24 години, да почнеме нова претстава во нова зграда. Да се извадиме од мочуриштето, да тргнеме на еден чист пат, да покажеме каков театар имаме. Оваа куќа навистина ќе биде прекрасна за живеење. Текстот на Јордан Плевнеш точно ќе не понесеме да влеземе во една куќа во која цело семејство треба да се смее, да плаче, да се расправа меѓу себе, да живее заедно, рече Тони Михајловски.

„Фокс њуз“: Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина

Од „Фокс њуз“ во септември објавија дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.

Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина, но таа сума може да се смета за многу поголема поради трошоците за замена на оружјето и муницијата испратени во Киев, процени Пентагон, дознава американскиот телевизиски канал „Фокс њуз“.

Од „Фокс њуз“ во септември објавија дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.

Според документите од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа испратени до сенаторот Џ. Д. Венс од американската сојузна држава Охајо, и до која Фокс њуз имаше пристап, САД потрошиле најмалку дополнителни 13 милијарди долари од септември за војната во Украина.

Директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо до Венс наведува дека американскиот Конгрес обезбедил 111 милијарди долари дополнителни средства како одговор на војната во Украина, вклучувајќи безбедносна, економска и хуманитарна помош.

Јанг истакна дека вкупните средства вклучуваат и средства „кои не отишле директно во Украина“, туку се користат за поддршка на таа земја, поради што понекогаш се појавуваат различни бројки за американската помош за Киев. /МИА

Почина уште едно повредено лице во терористички напад во Москва

Почина уште едно повредено лице кое беше во критична состојба по нападот пред една недела во Москва, изјави рускиот министер за здравство Михаил Мурашко.

Така, бројот на загинатите во терористичкиот напад што се случи на 22 март во концертната сала „Крокус сити хол“ се зголеми на 141, а уште неколку повредени се во тешка здравствена состојба.

Министерот рече дека починатиот пациент имал сериозни прострелни рани, јавија руските медиуми.

Појавата на сплескана глава кај бебето може да се спречи со неколку прости чекори

Синдромот на сплескана глава или плагиокефалија се однесува на деформациите на главата на бебето што настануваат пред или по раѓањето поради надворешни влијанија врз неговата мека черепна структура. 

Тоа може да се спречи со неколку едноставни чекори.

Како прво, новороденчето не треба да спие на една страна цела ноќ. На секои два - три часа родителот треба да му ја менува положбата на бебето кое спие. Така притисокот не е само на една страна на главата.

И кога мајката го дои малечкото, или го храни со шише, исто така треба да се менува раката и страната на држење. Така се поттикнува бебето само да ја врти главата.

Бебињата треба да спијат на грб. Но, стручњаците препорачуваат - додека новороденчето е будно, да биде барем кусо време легнато на стомак.

Важно е, пред сѐ, да се напомене дека многу бебиња го надминуваат овој проблем кога ќе почнат да лазат или да седат. Истражување спроведено во Америка покажа дека речиси половина од бебињата на возраст меѓу седум и 12 недели имаат плагиокефалија, а 78 отсто од нив имаат благ облик од оваа деформација.

Ако сè уште сте загрижени, порталот „Кликс“ препорачува консултации се педијатар. Бебињата на кои им е дијагностицирана посериозен облик на плагиокефалија добиваат посебна капа за тоа. /МИА

притисни ентер