ВМРО-ДПМНЕ: СЈО слепо ги извршува политичките нарачки на Заев

СЈО прави политичка хајка насочена кон ВМРО-ДПМНЕ и слепо ги извршува политичките нарачки на Зоран Заев без да се интересира за законите, ниту да ги почитува. За тоа најдобро говори фактот што во нивните монтирани случаи се опфатени стотина лица само од една партија, порачува ВМРО-ДПМНЕ.
- Како што минува времето, така на површина се повеќе ќе излегува непрофесионалното, незаконско и необјективно постапување на СЈО. Намерата е партијата политички да се оцрни и меѓународно да се изолира. Заради тоа, без никаква основа се одземени пасошите на четириесетина луѓе само од ВМРО-ДПМНЕ и никој друг. Еден од случаите каде се прави политичка хајка е и „Траекторија“ односно изградбата на автопатиштата. Овој случај кој е типично политички, со цел манипулација и девалвирање на проект кој е капитален за Република Македонија,  рече Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција пред СЈО.

Нагласи дека постапката за изградба на автопатиштата е законска и обавена низ транспарентна процедура.

- Со цел да се заштеди, се обезбеди евтин кредит од кинеската влада со само 2 отсто камата. За споредба другите банки даваа со над 8 отсто камата. Меѓу другото, целокупната постапка се спроведе врз основа на закон донесен во Собранието кој го поддржаа СДС и ДУИ. Се обезбеди и конкуренција при што меѓусебно наддаваа две кинески фирми за градба на патиштата со што цената за изведба е и законска и се оствари дополнителна заштеда за државата. Делото за кое се обвинува Груевски е смешно и парадоксално, тоа е остварување на награда. Да биде апсурдот поголем, СЈО/СДС таа награда не ја гледа во форма на поткуп, како што преку манипулација на одредени медиуми се сака да се стекне впечаток, туку во форма на изразен рејтинг поради реализацијата на овој проект корисен за сите граѓани. Ова е правен апсурд и ова ќе се изучува за класична политичка монтажа и инквизиција од орган кој наместо правно да делува како политичка алатка, потенцира Костовски.

Судовите, посочи, мора да го задржат својот интегритет, да работат исклучиво врз основа на закон и докази и да не подлегнуваат на политички притисоци.
- СЈО се формираше со закон поддржан од четирите најголеми политички партии. Имаа рок од 18 месеци за да отворат истраги и да финишираат со обвиненија. Тој рок истече на 30 јуни. Секое дејствие кое СЈО во оваа насока би го презело натаму е тешка повреда на законот. СЈО има обврска да го почитува законот и да ги уништи незаконските материјали. Доколку СЈО не постапи согласно закон и не ги уништи во соодветна постапка незаконски прислушуваните материјали, сноси сериозна одговорност и ги зголемува ризиците за натамошни уцени и политички притисоци врз сите кои биле цел на Верушевски, Заев и останатите обвинети од „Пуч“, појасни Костовски. 

Пред Собранието изутринава мирно, сообрачајот нормализирана

Пред Собранието на Македонија изутринава е мирно по синоќешните насилни протести во кои се повредени седум полицајци и приведени 25 демонстранти. 

Барикадите се остранети, а сообраќајот по улиците околу собраниската зграда се одвива нормално. Забележливо е помало полициско присуство.  

МВР по синоќешните настани соопшти дека дел од демонстрантите на вчерашниот јавен протест во Скопје, употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец, информира МВР.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.

Повеќе информации од МВР за вчерашните случувањата пред законодавниот дом во центарот на Скопје ќе бидат соопштени во текот на денов.  

Протестите беа против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан вчера во Псарадес.

Нова демократија: Тажен и срамен ден за Грција

Тажен и срамен ден за Грција, бил вчерашниот според Нова демократија и поради инцидентите во близина на Преспа и поради потпишаниот договор.

Од грчката опозициска партија коментираат дека Ципрас и Каменос вчера ја отстапија можноста „граѓаните на ПЈРМ да се нарекуваат Македонци и да говорат македонски јазик“, јави дописничката на МИА од Атина.

- Во исто време додека Ципрас и Коѕијас славеа во Преспа за еден договор што им штети на националните интереси, на полицијата и беше дадена наредба да покаже, до сега невидена, бруталност, испраќајќи ги дури и во болница граѓаните кои ја покажаа нивната патриотска чувствителност. Не е само тажен ден за Грција, туку е и ден на срам за Ципрас и Каменос, бидејќи заедно, на граѓаните на ПЈРМ им ја отстапија можноста да се самонарекуваат „Македонци“ и да поддржуваат дека говорат наводен македонски јазик, соопштуваат од опозициската партија и додаваат дека „македонски јазик и македонска националност не прифатила ниту една претходна грчка влада“.

Од Нова демократија коментираат дека грчкиот народ со право бил бесен, бидејќи сфатил дека коалиционата грчка влада за да се задржи на власт „веќе не води сметка за националните интереси“. Паралелно ги повикаа граѓаните да покажат смиреност и воздржаност. 

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

притисни ентер