Млади од Македонија и Бугарија се обучуваа за претприемништво во туризам

Што е суштината на туризмот и како да се изработат одржлив бизнис план, маркетинг стратегија и квалитетни туристички производи, беа теми на обуките за млади претприемачи во туризмот, што се спроведоа во Крива Паланка и во Ќустендил.

Обуките ги поминаа 40 млади и потенцијални претприемачи во областа на туризмот од Македонија и Бугарија, кои добија сертификати за основните вештини во туристичкото претприемништво. Активностите се дел од проектот „СТЕПС –Поддршка на претприемништвото и популаризирање на услугите во туризмот“, што го спроведуваат здруженијата РЦС „Спектар“ од Крива Паланка и Младинскиот општински совет од Ќустендил, финансиски поддржан од ИНТЕРРЕГ ИПА-Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

Целта на тридневните обуки беше оспособување на младите и потенцијални претприемачи за осознавање на факторите за успех во туристичкиот бизнис и потребата од истражувања на туристичкиот пазар во насока на започнување на сопствен бизнис и обезбедување на квалитетни и атрактивни туристички услуги.
- Во туристичкиот бизнис не е доволно само да се обезбеди потребната инвестиција, да се изградат капацитетите и да се промовира нова туристичка услуга. За младите претприемачи најважно е најпрвин да го испитаат пазарот, во смисла на потребите на понудата и побарувачката. Поточно, се зависи од тоа дали за одредена туристичка услуга имате заинтересирани клиенти и колку таа услуга ќе ви носи профит и ќе го прави бизнисот одржлив. Залудно е да се нуди некој туристички производ ,колку и да е примамлив, ако нема кој да го купи. Значи, пред се, секој што сака да се занимава со туристичко претприемништво, треба да знае дали има профилирана таргет група за туристичката услуга што ја нуди, изјави проф.д-р Косјо Сточев, експерт од Софија.
На обуката младите претприемачи се интересираа за конкурентните предности на пограничниот регион од Североисточниот дел на Македонија и Ќустендилската област во Бугарија, но и за ризиците во туристичкиот бизнис.

- Кога се изготвува туристички бизнис план, секогаш треба да се направи и проценка на ризиците и да се има план „Б“ во случај работите да тргнат во несакана насока. За тоа, пак, е неопходна детална анализа на туристичкиот пазар, како и добра маркетинг статегија и менаџерски вештини. Секој производ треба соодветно да се позиционира и рекламира, а услугите да се прилагодуваат на желбите и потребите на туристите. Во целиот процес, неопходно е и континуирано да се работи на повратната информација, односно на испитување на задоволството на клиентите, смета експертот Веселина Георгиева од Бугарија.
Во рамките на проектот, досега е изработена студија „Можности и предизвици за обезбедување квалитетни туристички услуги и продукти во прекуграничната област“, акциски план за зајакнување на претприемништвото во туризмот, а одржани се и неколку тркалезни маси. Во наредниот период ќе се креира онлајн платформа за бизнис консултации во туризмот преку која ќе се одвиваат консултации за стартап бизниси.


На крајот од проектот е предвидено да се одржи конференција за вмрежување на младите претприемачи од регионот.

Пред Собранието изутринава мирно, сообрачајот нормализирана

Пред Собранието на Македонија изутринава е мирно по синоќешните насилни протести во кои се повредени седум полицајци и приведени 25 демонстранти. 

Барикадите се остранети, а сообраќајот по улиците околу собраниската зграда се одвива нормално. Забележливо е помало полициско присуство.  

МВР по синоќешните настани соопшти дека дел од демонстрантите на вчерашниот јавен протест во Скопје, употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец, информира МВР.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.

Повеќе информации од МВР за вчерашните случувањата пред законодавниот дом во центарот на Скопје ќе бидат соопштени во текот на денов.  

Протестите беа против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан вчера во Псарадес.

Нова демократија: Тажен и срамен ден за Грција

Тажен и срамен ден за Грција, бил вчерашниот според Нова демократија и поради инцидентите во близина на Преспа и поради потпишаниот договор.

Од грчката опозициска партија коментираат дека Ципрас и Каменос вчера ја отстапија можноста „граѓаните на ПЈРМ да се нарекуваат Македонци и да говорат македонски јазик“, јави дописничката на МИА од Атина.

- Во исто време додека Ципрас и Коѕијас славеа во Преспа за еден договор што им штети на националните интереси, на полицијата и беше дадена наредба да покаже, до сега невидена, бруталност, испраќајќи ги дури и во болница граѓаните кои ја покажаа нивната патриотска чувствителност. Не е само тажен ден за Грција, туку е и ден на срам за Ципрас и Каменос, бидејќи заедно, на граѓаните на ПЈРМ им ја отстапија можноста да се самонарекуваат „Македонци“ и да поддржуваат дека говорат наводен македонски јазик, соопштуваат од опозициската партија и додаваат дека „македонски јазик и македонска националност не прифатила ниту една претходна грчка влада“.

Од Нова демократија коментираат дека грчкиот народ со право бил бесен, бидејќи сфатил дека коалиционата грчка влада за да се задржи на власт „веќе не води сметка за националните интереси“. Паралелно ги повикаа граѓаните да покажат смиреност и воздржаност. 

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

притисни ентер