Собранието го објави огласот за именување нов државен јавен обвинител

Собранието на Република Македонија денеска го објави огласот за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на Марко Зврлевски од оваа функција на 17 август.


Официјално со ова почнува рокот од 15 дена за пријавување на заинтересираните кандидати за функцијата јавен обвинител на Република Македонија.
Согласно член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија" и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник".

Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители.

За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.

Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати или Владата не може да избере, по предлог до Собранието ќе се распише нов оглас.
Досега во јавноста своите кандидатури ги најавија адвокатите Александар Тортевски, Звонко Давидовиќ, Александар Наков, Сејфула Османи и нотарката Лорија Ваневска.

Алкараз не е сигурен дека ќе има време да закрепне за Мастерсот во Мадрид

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз проговори за повредата поради која се повлече од турнирот во Барселона.

Шпанецот нема да може да ја одбрани титулата поради проблеми со десната подлактица.

- Ми беше тешко да ја донесам оваа одлука бидејќи овој турнир е важен за мене. Сакам да се вратам во Мадрид, но не сум 100% сигурен за тоа. Ќе се обидеме да дадеме се од себе. Дојдов од Монте Карло да поминам неколку дена дома и да видам дали можам да тренирам, да закрепнам и потоа да одам во Барселона во најдобра можна форма. Направив магнетна резонанца во саботата наутро, а сликите покажаа позитивна динамика. Но, во неделата работите не одеа како што сакавме: секој пат кога го зголемував интензитетот на моите форхендови, непријатноста се зголемуваше, изјави Надал.

Мастерсот во Мадрид, каде што Алкараз треба и да ја одбрани титулата ќе се одржи од 24 април до 5 мај. /МИА

Хаос во Дубаи: Невиден дожд го поплави градот, авионите приземјени (ВИДЕО)

Дубаи, и пошироко Обединетите Арапски Емирати, беа погодени од силно невреме викендов, што предизвика поплави и ги прекина летовите на најпрометниот аеродром во светот.

Речиси 50 милиметри дожд паднаа во Дубаи за само шест часа.

Властите испратија екипи да ги отстранат дрвјата од патот и да ги отворат одводните решетки, иако дождот брзо покри некои области.

Полицијата затвори делови од автопатот, а прекинати се и летовите за компаниите Емирати и ФлајДубаи.

На социјалните мрежи се објавени видеа кои сведочат дека патиштата се целосно поплавени.

Властите претходниот ден ја предупредија јавноста за претстојното невреме, а подготвен беше и персоналот за итна помош.

Дождот е невообичаен во оваа област, но повремено се појавува во постудените зимски месеци.

Страшно невреме во Хрватска: Соборени дрвја во Загреб, снег на планините

Пожарникарите во Загреб и во Осиек денеска имаа бројни интервенции поради ветрот кој кршеше гранки.

Наглиот пад на температурата во Загорје донесе снег, а во исто време во 15 часот во Шибеник изнесуваше 25 степени.

Силна промена на времето стигна и во Хрватска, додека вчера беше речиси 30 степени, а денеска паѓа снег во Загорје, јавува 24сата.хр.

„Нестабилно и постудено од просекот е кон средината на април. Променливо и претежно облачно на копното, а на Јадранот променливо сончево. Во првиот дел од денот дожд на исток, врнежи и грмежи во Далмација. Попладне можни се локални врнежи од дожд во внатрешноста и во северниот дел на Јадранот, а во Горска Хрватска паѓа снег и дува умерен ветер од северен правец“, прогнозираат од ДХМЗ.

Со дрвјата се бореше и противпожарната служба на градот Осиек. Гранки, како што известија, паднале врз автомобили.

„Од 7 до 12:30 часот извршивме 12 интервенции, два пожари, осум интервенции главно поврзани со отстранување на гранки и дрвја, едно отстранување на лим и еден увид во врска со автомобил во Сава“, рече наредникот на противпожарната служба Синиша Џембрич.

притисни ентер