Италијанската полиција запленила над 900 илјади фалсификувани банкноти

Во Италија се конфискувани 939.775 фалисфикувани банкноти во апоени од 10, 20 и 50 евра и уапсени се 13 лица.
Откриени биле три печатници, од кои едната се наоѓала во Романија. Тие биле опремени со неопходни машини и материјали за печатење на банкнотите.

Осомничениете шефови на криминалната група, жители на Неапол, биле со долгогодишно искуство во фалсификувањето.

Според полицијата, тие ја организирале работата на печатниците и воспоставиле врски со Италијанци во Романија, за да отворат печатница и таму.

Македонија ќе воведе контра мерки доколку Косово не ја повлече одлуката

Македонија и официјално, со допис до ЦЕФТА, ЕУ и Владата на Косово, побара повлекување на времената  одлука за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. 

Ако Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според МЗШВ, владите на Македонија и Косово преговараат за изнаоѓање решение за зголемените царини. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши следната недела ќе имаат средба со косовските ресорни министри, а министерот за надворешни работи Никола Димитров кој денеска ќе се сретне со државниот врв на Косово, меѓудругото, ќе се разговара и за одлуката за зголемување на царините.

- Владите на  Македонија и на Косово од вчера се во постојана комуникација за изнаоѓање на соодветно решение. Во насока на решавање на проблемот, министерот Николовски е во постојана комуникација и со ресорните министри од регионот. Тие следната недела на заедничка средба ќе разговараат за изнаоѓање модел за надминување на проблемот, информираат од МЗШВ.

Времената мерка официјално стапи во сила на 18 јули и со неа се зголемуваат за 30 отсто царините за увезеното овошје и зеленчук. Мерката ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат во Косово. Според МЗШВ, најпогоден од оваа одлука ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите. Во одлуката го нема грозјето и други стратешки производи. 

Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари - јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари.Увоз на земјоделски производи од Косово нема. /МИА

Совети од РСБСП за безбедно ноќно возење

Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот.

Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот и токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) советува за полесно справување со предизвиците од ноќното возење.

- Најголем предизвик кај ноќното возење е слабата видливост на патот и околината. Една студија во САД покажува дека од една третина до една половина од сите возила имаат слабо или погрешно насочени фарови и светла. Затоа, доколку патувате во ноќни услови, задолжително проверете дали светлата и фаровите работат со максимална ефикасност, велат од РСБСП.

За подобра видливост, помало напрегање и помал замор при возењето во ноќни услови, светлата, фаровите, ретровизорот, ветробранските стакла и страничните стакла, секогаш треба да бидат максимално чисти.

Од РСБСП посочуваат возачите со сериозни проблеми со видот најдобро е да не учествуваат во сообраќајот, особено во ноќни услови и во услови на дожд кога видливоста е значително загрозена.

- Според англиските оптичари околу 90 отсто од реакцијата на возачот зависи од видот. Затоа, секогаш кога возите, а особено кога возите во ноќни услови, доколку имате проблем со видот, задолжително користете ги оптичките помагала, велат од РСБСП.

Оттаму посочуваат дека возачите доколку имаат проблеми со видот и доколку користат оптички помагала, пред да започнат со патувањето, да почекаат неколку минути во автомобилот очите да се прилагодат на темнината.

Според англиската асоцијација на оптичари, прилагодувањето на темнината значително ќе ја подобри способноста за гледање во мракот.

- Возачите кои имаат проблеми со видот, во услови на ден и силно сонце, пожелно е редовно да користат очила за сонце и на тој начин полесно ќе се прилагодат за возење во услови на темнина, посочуваат од РСБСП.

Оттаму додаваат дека и намалувањето или елиминирањето на пушењето е особено важно затоа што чадот од пушењето ја намалува визуелната способност на возачот.

- Согласно ЗБСП користењето на светла во Република Македонија е задолжително и дење и ноќе и таа обврска треба секогаш да се почитува. Доколку некогаш ги немате вклучено светлата и се прашувате дали е доволно темнина да ги вклучите светлата, тоа значи дека првите симптоми за намелена видливост се веќе присутни и треба веднаш да ги вклучите светлата, истакнуваат од РСБСП.

За поглема безбедност секој возач, секогаш треба да внимава на дозволената брзина, но во услови на ноќ, брзото возење повеќекратно го зголемува ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.

- Користете ги долгите светла, но истовремено бидете внимателни и не ги заслепувајте возачите кои доаѓаат од спротивен правец. Исто така, создавајте си навика да не гледате директно во светлата на возилата што доаѓаат од спротивната страна или во светлата што се наоѓаат во околината. Гледањето директно во изворот на светлината ја намалува визуелната способност на возачот и ги изморува очите.  Внимавајте на рефлексиите и на индиректните извори на светлина како издувните гасови на возилата пред вас, очите на животните, вировите вода на коловозот итн. Голема е можноста погрешно да ве наведат и да донесете погрешна одлука како возач, велат од РСБСП.

Возењето во ноќни услови, најчесто е спротивно на биоритамот на организмот и предизвикува замор и поспаност кај возачот, особено во периодот од 02:00 до 07:00 часот наутро. Затоа, доколку возите ноќе, правете почести паузи за одмор, вежби, краток сон.

Од РСБСП советуваат до возачите за полесно да се справат со заморот, да консумираат повеќе течности, да разговараат со сопатниците, да пропуштаат свеж воздух во возилото и да дишете длабоко.

Посебно апелираат при возење во ноќни услови да се внимава на животните на патот, бидејќи тие се активни во тој период од денот и ризикот за нивна појава е поголем. /МИА

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ останува во матрицата на поделби и изолација

ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека договорот ја носи Македонија напред, но нив ги интересира само личен интерес и амнестија и затоа се трудат да ја лажат јавноста. 

Постигнатиот Договор за 25 годишниот спор со Грција го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската посебност.

Договорот ја обезбедува македонската иднина, иднината како дел од ЕУ и НАТО. Тие две прашања се и тоа како меѓусебно поврани. Ако не беше така, тогаш зошто ВМРО-ДПМНЕ со години преговараше за изнаоѓање решение за 25 годишниот спор?

Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да излезе од матрицата на поделби, изолација и конфликти и затоа на секаков начин се обидува да ја закочи македонската иднина.

Владата предводена од СДСМ има обврска пред граѓаните да ја обезбеди иднината. Никој нема да да им го ускрати правото на граѓаните на реферндум, слободно да одлучат за сопствената иднина.

Македонија оди напред и нема да биде заложник на криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните на референдум ќе кажат ДА за влез во ЕУ и НАТО, ќе кажат ДА за македонската иднина. /МИА

притисни ентер