Политички игри без граници на релација Белград – Сараево

И денеска остри тонови на релација Белград – Сараево, откако вчера бошњачкиот член на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ изјави дека неговата земја требало досега да ја признае независноста на Косово.
Српскиот претседател Вучиќ денеска порача дека неговата изјава ќе предизвика далекусежни последици.

Денеска Изетбеговиќ со друга вистина – српските медиуми го извадиле од контекст и пуштиле лажна вест.

Белград за утре го свика Советот за безбедност.

Лажни медиуми, обвинувања, воена реторика, отцепување, независност. Две-три изјави за само еден ден успеаја да го стресат регионот, а како што денеска тврди  бошњачкиот член на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, поради само една негова изјава, извадена од контекст. Но, штетата е веќе направена. Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска предупреди дека вчерашната изјава на Изетбеговиќ за признавање на Косово ќе предизвика далекусежни последици. Во исто време, ја повика Меѓународната заедница да го напушти принципот на двојни аршини.

- Немојте да поставам прашање што би било ако јас речев нешто слично. Цел свет ќе ни се урнеше врз глава. Што ќе беше ако не дај Боже изговорев дека Република Српска треба да биде независна. Мислам дека ќе ме одведеа во Хаг за 15 дена, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија
- Бакир Изетбеговиќ е српски непријател број 1. Удри врз Србија, удри врз нејзиниот територијален интегритет. Ердоган во Санџак не го рече тоа, а Изетбеговиќ од Сараево вели, изјави Милорад Додик, претседател на Р.Српска.

Во вчерашното интервју за Дојче Веле, Изетбеговиќ зборуваше на повеќе теми. Прашан  што во случај ако Република Српска прогласи независност од Босна, тој одговори дека ќе го брани територијалниот интегритет стекна во борбите во 90-те заедно со патриотите во оваа земја. Во однос на независноста на Косово, тој изјави дека очекува таа наскоро да биде призната.

- Што се однесува до мене, Косово требаше да биде признато. Нашите обиди тоа да се направи, им нанесе штета на односите во БиХ. Ништо не му помогнаа на Косово.

Дали БиХ во еден момент ќе ја признае независноста на Косово? – Се надевам, да.

Од кабинетот на Изетбеговиќ денеска соопштија дека зе работи за лажна вест, која ја пласирале српските медиуми. Според нив, делови од интервјуто се извадени од контекст и ја искривуваат вистината, дека не се работи за случајна грешка и дека зад се се крие намера за нарушување на односите меѓу Белград и Сараево. 


Македонија ќе воведе контра мерки доколку Косово не ја повлече одлуката

Македонија и официјално, со допис до ЦЕФТА, ЕУ и Владата на Косово, побара повлекување на времената  одлука за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. 

Ако Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според МЗШВ, владите на Македонија и Косово преговараат за изнаоѓање решение за зголемените царини. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши следната недела ќе имаат средба со косовските ресорни министри, а министерот за надворешни работи Никола Димитров кој денеска ќе се сретне со државниот врв на Косово, меѓудругото, ќе се разговара и за одлуката за зголемување на царините.

- Владите на  Македонија и на Косово од вчера се во постојана комуникација за изнаоѓање на соодветно решение. Во насока на решавање на проблемот, министерот Николовски е во постојана комуникација и со ресорните министри од регионот. Тие следната недела на заедничка средба ќе разговараат за изнаоѓање модел за надминување на проблемот, информираат од МЗШВ.

Времената мерка официјално стапи во сила на 18 јули и со неа се зголемуваат за 30 отсто царините за увезеното овошје и зеленчук. Мерката ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат во Косово. Според МЗШВ, најпогоден од оваа одлука ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите. Во одлуката го нема грозјето и други стратешки производи. 

Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари - јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари.Увоз на земјоделски производи од Косово нема. /МИА

Совети од РСБСП за безбедно ноќно возење

Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот.

Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот и токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) советува за полесно справување со предизвиците од ноќното возење.

- Најголем предизвик кај ноќното возење е слабата видливост на патот и околината. Една студија во САД покажува дека од една третина до една половина од сите возила имаат слабо или погрешно насочени фарови и светла. Затоа, доколку патувате во ноќни услови, задолжително проверете дали светлата и фаровите работат со максимална ефикасност, велат од РСБСП.

За подобра видливост, помало напрегање и помал замор при возењето во ноќни услови, светлата, фаровите, ретровизорот, ветробранските стакла и страничните стакла, секогаш треба да бидат максимално чисти.

Од РСБСП посочуваат возачите со сериозни проблеми со видот најдобро е да не учествуваат во сообраќајот, особено во ноќни услови и во услови на дожд кога видливоста е значително загрозена.

- Според англиските оптичари околу 90 отсто од реакцијата на возачот зависи од видот. Затоа, секогаш кога возите, а особено кога возите во ноќни услови, доколку имате проблем со видот, задолжително користете ги оптичките помагала, велат од РСБСП.

Оттаму посочуваат дека возачите доколку имаат проблеми со видот и доколку користат оптички помагала, пред да започнат со патувањето, да почекаат неколку минути во автомобилот очите да се прилагодат на темнината.

Според англиската асоцијација на оптичари, прилагодувањето на темнината значително ќе ја подобри способноста за гледање во мракот.

- Возачите кои имаат проблеми со видот, во услови на ден и силно сонце, пожелно е редовно да користат очила за сонце и на тој начин полесно ќе се прилагодат за возење во услови на темнина, посочуваат од РСБСП.

Оттаму додаваат дека и намалувањето или елиминирањето на пушењето е особено важно затоа што чадот од пушењето ја намалува визуелната способност на возачот.

- Согласно ЗБСП користењето на светла во Република Македонија е задолжително и дење и ноќе и таа обврска треба секогаш да се почитува. Доколку некогаш ги немате вклучено светлата и се прашувате дали е доволно темнина да ги вклучите светлата, тоа значи дека првите симптоми за намелена видливост се веќе присутни и треба веднаш да ги вклучите светлата, истакнуваат од РСБСП.

За поглема безбедност секој возач, секогаш треба да внимава на дозволената брзина, но во услови на ноќ, брзото возење повеќекратно го зголемува ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.

- Користете ги долгите светла, но истовремено бидете внимателни и не ги заслепувајте возачите кои доаѓаат од спротивен правец. Исто така, создавајте си навика да не гледате директно во светлата на возилата што доаѓаат од спротивната страна или во светлата што се наоѓаат во околината. Гледањето директно во изворот на светлината ја намалува визуелната способност на возачот и ги изморува очите.  Внимавајте на рефлексиите и на индиректните извори на светлина како издувните гасови на возилата пред вас, очите на животните, вировите вода на коловозот итн. Голема е можноста погрешно да ве наведат и да донесете погрешна одлука како возач, велат од РСБСП.

Возењето во ноќни услови, најчесто е спротивно на биоритамот на организмот и предизвикува замор и поспаност кај возачот, особено во периодот од 02:00 до 07:00 часот наутро. Затоа, доколку возите ноќе, правете почести паузи за одмор, вежби, краток сон.

Од РСБСП советуваат до возачите за полесно да се справат со заморот, да консумираат повеќе течности, да разговараат со сопатниците, да пропуштаат свеж воздух во возилото и да дишете длабоко.

Посебно апелираат при возење во ноќни услови да се внимава на животните на патот, бидејќи тие се активни во тој период од денот и ризикот за нивна појава е поголем. /МИА

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ останува во матрицата на поделби и изолација

ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека договорот ја носи Македонија напред, но нив ги интересира само личен интерес и амнестија и затоа се трудат да ја лажат јавноста. 

Постигнатиот Договор за 25 годишниот спор со Грција го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската посебност.

Договорот ја обезбедува македонската иднина, иднината како дел од ЕУ и НАТО. Тие две прашања се и тоа како меѓусебно поврани. Ако не беше така, тогаш зошто ВМРО-ДПМНЕ со години преговараше за изнаоѓање решение за 25 годишниот спор?

Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да излезе од матрицата на поделби, изолација и конфликти и затоа на секаков начин се обидува да ја закочи македонската иднина.

Владата предводена од СДСМ има обврска пред граѓаните да ја обезбеди иднината. Никој нема да да им го ускрати правото на граѓаните на реферндум, слободно да одлучат за сопствената иднина.

Македонија оди напред и нема да биде заложник на криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните на референдум ќе кажат ДА за влез во ЕУ и НАТО, ќе кажат ДА за македонската иднина. /МИА

притисни ентер