Годишен концерт на Фолклорниот ансамбл „Тиквеш” од Кавадарци

Членовите на Фолклорниот ансамбл „Тиквеш” од Кавадарци, синоќа го одржаа традиционалниот годишен концерт.
Пред присутните во Домот на културата „Иван Мазов Климе”, во чии рамки работи ансамблот, тие се претставија со богата културно-уметничка програма. Со кореографии на македонски игри и песни, учествуваа сите возрасни групи. Гости на вечерта беа фолклористите од Фолклорниот ансамбл „Типопластика” од Горни Милановац, Република Србија, како резултат на долгогодишната успешна соработка.

- За Фолклорниот ансамбл од Кавадарци ова значи заокружување на уште една успешна година исполнета со многубројни настапи како културен амбасадор на Тиквешијата и Македонија во земјава и светот, рече, меѓу другото, актерот Диме Коцевски, во улога на водител.

Концертот беше посветен на големиот и долгогодишен пријател и соработник на Кавадарци Миломир Стевановиќ-Ѓика, кој почина ненадејно во септември минатата година. 

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

Министерот Димитров на конференција во Софија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија ќе учествува на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати.

Оваа Конференцијата се одржува во рамки на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров е поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“.

Министерот Димитров е во Софија на покана на Кристиан Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија. /МИА

Јавна кампања за заштита на шумите од пожари

Под мотото „Да ги заштитиме шумите од пожари”, ЈП Македонски шуми и Противпожарниот сојуз на Македонија денеска ја започнуваат кампањата за превентивно делување пред претстоечката летна сезона за заштита на шумите од шумски пожари.

Цел на оваа јавна кампања, според организаторите, е подигање на јавната свест кај граѓаните за значењето на шумите во еколошкиот систем и нивна заштита од шумски пожари.

На настанот ќе присуствуваат претставници на ЈП Македонски шуми, помошник директорот на Секторот за заштита на шумите, Николчо Киров и раководителот на ПШС Караџица, Саша Јовановиќ, како и претставници на ППСМ и претстедателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, проф-др Никола Николов од Шумарскиот факултет –Скопје и претставници на Противпожарниот сојуз на град Скопје..

Покрај непосредната средба со граѓаните и директен контакт со нив за значењето на зачувување на еко-системот во природата, ќе бидат делени рекламни материјали со пригодна содржина./МИА

притисни ентер