Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ ќе ги дигитализира постарите изданија

Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ набави професионален скенер со кој во наредниот период ќе се дигитализираат печатените периодични изданија кои што во минатото биле најчитани од граѓаните .
- Најпрвин ќе почнеме со нашиот бренд, „Наш весник“, кумановскиот весник кој ќе биде достапен за корисниците во електронска форма, а исто така откако ќе завршиме со „Наш весник“ ќе продолжиме и со другите периодични изданија, како што се „Рат, „НИН“ и од постари времиња кои ги има библиотеката, изјави Марјан Петковски, директор на Градска библиотека „Тане Георгиевски“ Куманово.

Покрај оваа новина, збогатен е и книжниот фонд на библиотеката за 656 наслови, односно  2.176 книги од 14 издавачки куќи од Македонија на македонски, албански, српски и англиски јазик. Книгите се во обработка и многу скоро ќе им бидат достапни на корисниците.

-И минатата година има зголемување на членството спредбено со претходната година за околу 400 членови што е добар показател дека библиотеката се движи во вистинска насока, со обновување и зголемување на книжниот фонд и услугите што ги нуди кон корисниците, изјави Петковски.
Набавката за која библиотеката  одвои  733.000 денари  е извршена кон крајот на минатата година.

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

Министерот Димитров на конференција во Софија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија ќе учествува на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати.

Оваа Конференцијата се одржува во рамки на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров е поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“.

Министерот Димитров е во Софија на покана на Кристиан Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија. /МИА

Јавна кампања за заштита на шумите од пожари

Под мотото „Да ги заштитиме шумите од пожари”, ЈП Македонски шуми и Противпожарниот сојуз на Македонија денеска ја започнуваат кампањата за превентивно делување пред претстоечката летна сезона за заштита на шумите од шумски пожари.

Цел на оваа јавна кампања, според организаторите, е подигање на јавната свест кај граѓаните за значењето на шумите во еколошкиот систем и нивна заштита од шумски пожари.

На настанот ќе присуствуваат претставници на ЈП Македонски шуми, помошник директорот на Секторот за заштита на шумите, Николчо Киров и раководителот на ПШС Караџица, Саша Јовановиќ, како и претставници на ППСМ и претстедателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, проф-др Никола Николов од Шумарскиот факултет –Скопје и претставници на Противпожарниот сојуз на град Скопје..

Покрај непосредната средба со граѓаните и директен контакт со нив за значењето на зачувување на еко-системот во природата, ќе бидат делени рекламни материјали со пригодна содржина./МИА

притисни ентер