Митко Јанчев, Александар Николовски и Владо Мисајловски – потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО ДПМНЕ од синоќа со тројца потпретседатели и со нов состав на Извршниот комитет.
 Сето ова , вели лидерот Христијан Мицковски е во насока на брзо преструктуирање на партијата и застанување на здрави нозе со цел издејствување на предвремени избори и водство на следна влада.

За потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ се избрани актуелниот градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев, поранешниот секретар за меѓународна соработка Александар Николовски и поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. Нов генерален секретар е Игор Јанушев -поранешен директор на ЈСП, а нов претседател на градската организација на ВМРО-ДПМНЕ е Марјанчо Тодоровски.


Потпретседателите и новите членови на извршниот комитет дваесет и шест на број , биле избрани со 114 гласови ,,За,, од присутните 115 членови од 135-члениот централен комитет. Мицковски ги нарече шпекулации информациите дека на Илија Димовски му  било понудено потпретседателско место но дека го одбил, а за тоа  што имињата на Илија Димовски и на Антонио Милошоски не се најдоа во новиот состав на извршниот комитет, а ги има екс скопскиот градоначалник Коце Трајановски и актерот Тони Михајловски, Мицковски демантира дека тоа било поради нивното отворено противење за одржувањето на валандовскиот конгрес. Дел од новиот извршен комитет е и претставникот на реформаторите Костадин Богданов.


По ова партијата ќе пристапи кон измени на статутот на партијата кој процес се очекува да заврши кон средината на февруари. Транзиционо ќе се екипираат новите тела- советот на извршниот комитет и советот на претседателот на партијата. По донесувањето на новиот статут ќе се оди и на генерален реизбор на сите останати партиски тела и органи како централниот комитет, општинските организации а постепено ќе се окрупнува и извршниот комитет.  

Романците на референдум за забрана на геј браковите

Следниот месец во Романија ќе се одржи референдум , на кој граѓаните ќе се изјаснуваат дали во Уставот да се внесе забраната за истополови бракови.

Во Романија на 6 и 7 октомври ќе се одржи референдум , на кој граѓаните ќе треба да се изјасната дали забраната за истополови бракови да се внесе во Уставот. Поборниците на планот сакаат во Утавот да биде напишано дека бракот е заедница меѓу маж и жена , а не како што е сега – дека е заедница на двајца сопружници.

Според премиерката Виорика Данчила , овој референдум не е насочен против сексуалните малцинства. За да се обезбеди поголема излезност на референдумот Владата во Букурешт реши да го модифицира законот и референдумот да трае два дена.

Социјалдемократката Данчила ги критикуваше повиците на бојкот , упатени од опозиционерите од десниот центар и неколку невладини опрганизации , што би можело да доведе до пропаѓање на рефередумот.

За да биде важечки , на референдумот треба да излезат најмалку 30 проценти од 18,9 милионската популација со право на глас.

Референдумот е резултат на барањето на неколку невладини организации , блиски до Православната црква, кои велат дека собрале три милиони потписи за иницијативата.  

Трибина во Пробиштип : Излези ЗА европска Македонија

Коалицијата ЗА европска Македонија вечерва беше на средба со граѓаните  во Пробиштип.

Премиерот Зоран Заев кажа дека Македонија ќе биде сигурно 30 земја членка на НАТО алијансата.

Референдумот на 30 септември е важен како оној од 1991 година за да ја осигураме и обезбедиме Македонија. Да ја качиме на шините и да тргне конечно по 27 години.

Ова го порача премиерот Зоран Заев вечерва на трибина организирана од коалицијата „Излези ЗА европска Македонија“ во Пробиштип на која рече дека ова е историско време и историска одлука и оти околку ова прашање вреди да се обединиме.

- Отворивме душа, споделуваме она што е вистината. Зборуваме со нашиот народ и нема делби и поделби затоа што е историски момент и неповторлива шанса која треба да ја зграпчиме. Дефинитивно се работи за нашта татковина и за нашите деца. И затоа сме исправени пред вакво историско време и уживаме во честа што се падна на оваа генерација конечно Македонија да ја ставиме на шини и да киниса, рече премиерот.

Истакнувајќи дека народот мора да ги знае сите детали за да донесе исправна одлука рече дека нашата одлука на 30 септември ќе влијае секако на иднината на нашата земја и затоа може, како што рече, да избереме да бидеме горди или да чемрееме и да симнеме глава долу.

- Една таква одлука донесовме во 1991 година и иста е одлуката што треба да ја донесеме и на овој референдум. Знам дека и тогаш не му беше лесно на нашиот народ, кога се одделуваше од сојузот. И тогаш не знаевме. Имаше дебата дали ќе не биде или не. Дали имаме пари, дали може со немање валута да бидеме земја, немавме армија, полиција, институции, но нашиот народ на вакви дебати излезе и гласаше и 95 отсто гласаа за независност и денес сите се гордееме на тоа, потенцира Заев.

Оцени дека конечно дојде време да носиме храбри одлуки. - Го решивме прашањето со Бугарија, потоа со Грција. Имаме фер и праведно решение. Добивме разграничување, Грција го призна македонскикот јазик и идентитет и нема земја која не не признава како Македонци и која не го признава нашиот јазик и идентитет. Го добивме она за што се бореа нашите претци,  рече Заев.

Порача дека ова е шанса и оти одлуката е пресериозна и оти нема алтернатива.

- Ова е транспарентен процес. Нема ништо што е скриено. Ова е врв на демократијата. Ветивме реферндум и еве го да се изјаснат граѓаните. Ветувањето беше најпрво на опозицијата и затоа треба да зборуваме со сите граѓани и се обраќам до сите и до опозицијата и до пријателот Мицкоски. Размисли ова е и за твоите и за моите деца, ова е за нашта заедничка татковина. Ако има алтернатива стави ја на маса. Ако нема не можеш да се криеш без став. Должност е на лидерите на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ и на големите партии да носат одлуки. Не може без одлуки. За твоја и моја Македонија се работи. Акција сака Македонија. Сака став. Затоа што граѓаните сакаат да знаат се и затоа наша обврска е да ја земеме судбијата во свои раце, потенцира премиерот Заев.

Порача дека 30 септември е историски ден и шанса што не смееме да ја пропуштиме, посочувајќи дека ваква шанса може да се повтори по 50 или 100 години.  

Претходно коалицијата одржа трибина и во Кратово. 

Ние во Европа велиме: „Ни требате", порача Хајко Мас на дебатата „Зошто Европа"

,,Отворено ви кажуваме би биле среќни кога би биле за ЕУ. Тоа е јасен став ние во Европа велиме „Ни требате“, рече шефот на германската дипломатија Хајко Мас.

Зошто Европа? - поради пристојна, средена, правна, држава која функционира, напредување во кариерата врз основа на заслуги, а не врз принципот на лојалност, квалитетно образование и здравство, поголеми економски можности, поради тоа што ЕУ е исто така заинтересирана земјава да стане дел од неа, како што и Македонија има такви аспирации, но и поради отворање на можностите за младите, кои тука во земјава ќе добиваат поквалитетно образование и можност да се вработат и сето тоа ќе ги поттикне да останат во земјата.

Ова се дел од заклучоците на дебата, која денеска се водеше во Даут Пашин амам во организација на германската Амбасада, а на која учествуваа шефот на германската дипломатија Хајко Мас, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, професорската Елизабета Шелева, активистот Артан Садику и Ирина Банишка, студентка и претставник на младите во земјава.

- Во пресрет на референдумот цврсто сме убедени дека европската перспектива на оваа држава е нешто што е важно и за самата ЕУ. Вие сами ќе ја донесете одлуката за тоа по кој пат ќе одите. Вие имате интерес за Европа, но и ние во Европа имаме интерес за вашата земја, им порача Мас на учесниците и нагласи дека Европа веќе 65 години е успешна приказна, која се базира на демократски вредности, владеење на правото, правна држава, почитување на човековите права.

- Имаме европски вредности и сакаме сите кои ги делат истите вредности да ја обликуваат иднината заедно со нас. Од вас зависи како ќе го продолжите патот понатаму, рече Мас.

Додаде дека првиот чекор на тој пат е референдумот, но потенцира дека не сака да влијае врз македонските граѓани.

- Но отворено ви кажуваме би биле среќни кога би биле за ЕУ. Тоа е јасен став ние во Европа велиме „Ни требате“, додаде Мас.

На прашањето да изнесе свое мислење за ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на претстојниот референдум Мас рече дека како министер за надворешни работи не се осмелува да се меша во внатрешните работи на земјата и додаде дека секој во земјава има право да има свој став, да повика „за“, „против“ или на бојкот. 

Сепак, додаде Мас, народот е тој, што треба да одлучи и да го одбере патот на земјата.

Министерот Димитров истакна дека ние сме опкружени со Европа, се наоѓаме на европскиот контитент и сосема е нормално да сакаме да имаме европска држава.

- Јас лично како граѓанин кога мислам на Европа први асоцијации ми се среденост, пристојност, нормалност, функционални институции, силни инстиуции, но според ефикасност, а не по концентрација на моќ во еден човек или во рацете на мала група луѓе, еднакви шанси, натревар на способни, а не натпревар на лојални, просперитет, пристојно платена работа, образование, здравство, рече Димитров.

Нагласи дека Македонија прва, во Луксембург уште во 2001 година потпиша ССА.

- Оттогаш поминаа 17 години, многу време изгубиме и мислам дека не мислам дека има ниту еден граѓанин на кој му се допаѓа тоа што спорот што го имавме со Грција влијаше врз нашата перспектива за влез во НАТО и ЕУ, додаде Димитров.

Нагласи дека кризата не поттикнала на раст и учење и додаде на Европа можеме да и понудиме жед за одговорност, правна држава слобода на медиумите...се она што во текот на кризата фалело, а е нешто што во Европа се зема здраво за готово. 

Професорската Елизабета Шелева говореше за феноменот Балкан и како да се намали „стравот на Европа од балканизмот“. 

Таа нагласи дека пред околу 20 години бил промовиран поимот балканизам, како начин на кој не перцепира Западот и со кој се создала непријатна аура околу регионот. 

Изрази надеж дека сега ќе се менува односот кон Балканот, тој повеќе да не биде сираче на Европа, да му се даде шанса да ги покаже своите вистински потенцијали. 

Активистот Артан Садику напомена дека уште пред 12 години со порадикални, поеманципирани групи од Грција изработиле книга „Ајде“, збор кој се користи во двете земји за означување на почеток на нешто, а која била посветена на заедничка антинационалистичка историска нарација за територијата и историјата на Македонија и Грција.

Книгава ја шверцувале во Македонија, бидејќи нејзината содржина, како што рече, тогаш не била прифатлива. Сега, вели, во Договорот од Преспа, има дел со кој се отвора можноста за таква соработка. 

Садику нагласува вели Договорот не подготвува за механизмот врз кој функционира ЕУ, а тоа е да се постигне компромис.

Ирина Банишка, како претставник на студентите и на помладата генерација вели дека кога се говори за ЕУ сите некако како повеќе да се насочени кон минатото, каков бил процесот, што се случило, а помалку кон иднината, која, како што рече е суштинска за младите.

За нив, додаде таа, во однос на ЕУ важни се два аспекти - образованието, кое би го подобрило својот квалитет и можноста младите да најдат соодветна работа.

Со тоа, додава Банишка, младите во нивната родна земја ќе имаат повеќе можности дома и ќе се спречи нивниот одлив во странство. /MИА

притисни ентер