Хашим Тачи со милион долари ќе го подобрува имиџот во САД

Косовскиот претседател Хашим Тачи постигнал договор со американска лоби компанија која треба да му помогне во подобрување на односите со САД.
 За ова косовската држава ќе плаќа по 52 илјади долари месечно или над милион долари за две години.

Договорот е склучен со компанијата „Балард Партнерс“, која ја раководи лобистот Брајан Балард, кој е близок соработник на Трамп и беше ангажиран во неговата изборна кампања.

Компанијата идентични услуги им даваше и на двајцата добри пријатели на Тачи, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и албанскиот Премиер Еди Рама.

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

Министерот Димитров на конференција во Софија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија ќе учествува на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати.

Оваа Конференцијата се одржува во рамки на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров е поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“.

Министерот Димитров е во Софија на покана на Кристиан Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија. /МИА

Јавна кампања за заштита на шумите од пожари

Под мотото „Да ги заштитиме шумите од пожари”, ЈП Македонски шуми и Противпожарниот сојуз на Македонија денеска ја започнуваат кампањата за превентивно делување пред претстоечката летна сезона за заштита на шумите од шумски пожари.

Цел на оваа јавна кампања, според организаторите, е подигање на јавната свест кај граѓаните за значењето на шумите во еколошкиот систем и нивна заштита од шумски пожари.

На настанот ќе присуствуваат претставници на ЈП Македонски шуми, помошник директорот на Секторот за заштита на шумите, Николчо Киров и раководителот на ПШС Караџица, Саша Јовановиќ, како и претставници на ППСМ и претстедателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, проф-др Никола Николов од Шумарскиот факултет –Скопје и претставници на Противпожарниот сојуз на град Скопје..

Покрај непосредната средба со граѓаните и директен контакт со нив за значењето на зачувување на еко-системот во природата, ќе бидат делени рекламни материјали со пригодна содржина./МИА

притисни ентер