Палитов: Не сме за издавање на „Фени“ под наем

Вработените на „Фени“ не се за издавање на нивната фабрика под наем, затоа што со тоа нема никаква иднина за вработените, а закупецот може во секој момент да си оди затоа што не платил ниту денар за фабриката, ниту има некаква инвестиција во неа.
Ова го истакна денеска Ѓоре Палитов, претседател на Синдикалната организација во кавадаречкиот комбинат. Тој рече дека нема да дозволат некој да прави краткорочни профити без да инвестира и без да се знае судбината на сите вработени и на побарувањата на сите доверители.

- Стечајот треба да заврши во најкраток рок, како и што ни беше ветено, независно дали Апелација ќе ја врати фабриката во предстечајна постапка или преку реорганизација, апелираше Палитов до надлежните институции.

Се осврна и на, како што рече, вчерашните обвинувања кон него како претседател на Синдикалната организација при „Фени Индустри АД“, од страна на некои медиуми.

- Имено, јас ја имав таа несреќа да бидам претседател на Синдикатот на “Фени” во можеби најтешкиот период во последните 15 години. Но во едно сум сигурен, а тоа е дека ја извршувам оваа функција максимално транспарентно, со преголема енергија и само со една цел, враќање на „Фени“ на правите патеки, односно помагање за рестартирање на комбинатот. Во согласност со ова како и за моите колеги, јас како борец за општото добро сум во постојан контакт и со другите загрозени субјекти од овој стечај, а тука спаѓаат и транспортерите. Точно е дека јас бев присутен на тој состанок по нивно барање и разговаравме за моменталните проблеми и евентуалните последици за сите нас. Ниту имам лична корист од некого да фаворизирам, ниту имам желба да критикувам. Имам улога на лидер на вработените и тоа го правам. Ние само сакаме „Фени“ да добие сопственици кои го сакаат најдоброто за фабриката и кои се подготвени да инвестираат во неа, рече тој.

На сите кои се служат со закани и уцени, им порача да се појават јавно и да не се кријат, затоа што, како што нагласи, ќе им следи и кривична пријава. 

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

Министерот Димитров на конференција во Софија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија ќе учествува на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати.

Оваа Конференцијата се одржува во рамки на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров е поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“.

Министерот Димитров е во Софија на покана на Кристиан Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија. /МИА

Јавна кампања за заштита на шумите од пожари

Под мотото „Да ги заштитиме шумите од пожари”, ЈП Македонски шуми и Противпожарниот сојуз на Македонија денеска ја започнуваат кампањата за превентивно делување пред претстоечката летна сезона за заштита на шумите од шумски пожари.

Цел на оваа јавна кампања, според организаторите, е подигање на јавната свест кај граѓаните за значењето на шумите во еколошкиот систем и нивна заштита од шумски пожари.

На настанот ќе присуствуваат претставници на ЈП Македонски шуми, помошник директорот на Секторот за заштита на шумите, Николчо Киров и раководителот на ПШС Караџица, Саша Јовановиќ, како и претставници на ППСМ и претстедателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, проф-др Никола Николов од Шумарскиот факултет –Скопје и претставници на Противпожарниот сојуз на град Скопје..

Покрај непосредната средба со граѓаните и директен контакт со нив за значењето на зачувување на еко-системот во природата, ќе бидат делени рекламни материјали со пригодна содржина./МИА

притисни ентер