Помалку претплатници во мобилната телефонија, раст кај услугите во пакет

Во Македонија продолжува трендот на намалување на бројот на активни претплатници во мобилната телефонија, како и на фиксни линии, а се зголемува бројката на корисниците на услуги врзани во пакет, покажуваат последните податоци на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Заклучно со вториот квартал лани се регистрирани 2.022.678 претплатници во мобилната телефонија,  речиси 27.000 помалку споредено со вториот квартал во 2016 година кога имало 2.049.170, се наведува во информацијата на АЕК за состојбата на пазарот за електронски комуникации.

Гледано по оператори, на крајот на второто тримесечје во 2017 година  на Македонски телеком отпаѓаат 47,97 проценти од вкупниот број протплатници,  на оне. ВИП 49,57 проценти, а на „Лајкамобајл“ 2,46 проценти. Во вториот квартал 2016, пак, состојбата била поникава, односно оне.ВИП имале 51,02 процента, а Македонски телеком 48,98 проценти.

За шест илјади е намален бројот на фиксни линии, односно во вториот квартал лани  имало 360.804, а во второто тримесечје во 2016 година оваа бројка изнесувала 366.575.

Податоците на АЕК покажуваат зголемување за 1,15 проценти на претплатниците на услуги врзани во пакет,  кои во вториот квартал лани изнесувале 329.910,  а во истиот квартал во 2016 година 326.160.

Значителен раст, од 83,61 проценти, има кај пакетот ТВ, интернет, фиксна телефонија и мобилна телефонија, а постојано се намалува бројот на оние кои користат пакети  со ТВ и интернет, ТВ и фиксна телефонија, интернет и фиксна телефонија, како и пакет со ТВ, интернет и фиксна телефонија.

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

Министерот Димитров на конференција во Софија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија ќе учествува на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати.

Оваа Конференцијата се одржува во рамки на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров е поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“.

Министерот Димитров е во Софија на покана на Кристиан Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија. /МИА

Јавна кампања за заштита на шумите од пожари

Под мотото „Да ги заштитиме шумите од пожари”, ЈП Македонски шуми и Противпожарниот сојуз на Македонија денеска ја започнуваат кампањата за превентивно делување пред претстоечката летна сезона за заштита на шумите од шумски пожари.

Цел на оваа јавна кампања, според организаторите, е подигање на јавната свест кај граѓаните за значењето на шумите во еколошкиот систем и нивна заштита од шумски пожари.

На настанот ќе присуствуваат претставници на ЈП Македонски шуми, помошник директорот на Секторот за заштита на шумите, Николчо Киров и раководителот на ПШС Караџица, Саша Јовановиќ, како и претставници на ППСМ и претстедателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, проф-др Никола Николов од Шумарскиот факултет –Скопје и претставници на Противпожарниот сојуз на град Скопје..

Покрај непосредната средба со граѓаните и директен контакт со нив за значењето на зачувување на еко-системот во природата, ќе бидат делени рекламни материјали со пригодна содржина./МИА

притисни ентер