Приведен крадец од Скопје

СВР Скопје поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против лицето А.Б. (21) од Скопје поради сторени кривични дела „тешка кражба“.
МВР соопшти дека против наведеното лице има основи на сомнение за сторени две кривични дела „тешка кражба“, казниво по член 236 од Кривичниот законик на РМ, со што се стекнал со противправна имотна корист од 364.500 денари и причинил вкупна материјална штета од 3.500 денари.
Пријавениот на 23 и 24 април и 9 декември 2017 година извршил тешки кражби во продавници на ул.„Бојмија“ и бул.„Јане Сандански“ во трговски центар „Бисер“ во населбата Аеродром во Скопје. Сторителот со употреба на сила делувал на влезните врати, влегувал во продавниците и одземал пари и други предмети.

Во првиот случај пријавениот со употреба на тврд предмет го скршил стаклото од влезната врата, влегол внатре и одзел пари, неколку пакувања со храна за животни, по што побегнал.

Во вториот случај, А.Б. насилно ја отворил влезната врата, влегол внатре и одзел лап топ, еден користен мобилен телефон и тринаесет нови мобилни телефони, по што побегнал. А.Б. бил приведен во Полициската станица Аеродром. Со него бил извршен разговор при што го појаснил начинот на извршување на кривичните дела. Кај него биле пронајдени дел од украдените предмети, кои биле одземени и вратени на оштетените. 

Автобус влета во публика на фестивалот Пинк поп во Лимберг

Едно лице загина, а три се повредени кога автобус влета во публиката на фестивалот Пинк поп во Лимберг, на југот од Холандија.

Инцидентот се случил неколку часа по настапот на американскиот пејач Бруно Марс, кој го затвори фестивалот, пренесе Ројтерс.

Полицијата соопшти дека возачот на автобусот побегнал од местото на настанот и по него е распишана потерница, а улиците околу местото на одржување на фестивалот се затворени.

Министерот Димитров на конференција во Софија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Софија ќе учествува на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати.

Оваа Конференцијата се одржува во рамки на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија. Министерот Димитров е поканет како специјален гостин да се обрати на сесијата „Интеграција и поврзаност на Западниот Балкан – нова движечка сила на политиката за проширување на Европската унија“.

Министерот Димитров е во Софија на покана на Кристиан Вигенин, претседавач со Комисијата за европски прашања и надзор на европските фондови при Националното Собрание на Република Бугарија. /МИА

Јавна кампања за заштита на шумите од пожари

Под мотото „Да ги заштитиме шумите од пожари”, ЈП Македонски шуми и Противпожарниот сојуз на Македонија денеска ја започнуваат кампањата за превентивно делување пред претстоечката летна сезона за заштита на шумите од шумски пожари.

Цел на оваа јавна кампања, според организаторите, е подигање на јавната свест кај граѓаните за значењето на шумите во еколошкиот систем и нивна заштита од шумски пожари.

На настанот ќе присуствуваат претставници на ЈП Македонски шуми, помошник директорот на Секторот за заштита на шумите, Николчо Киров и раководителот на ПШС Караџица, Саша Јовановиќ, како и претставници на ППСМ и претстедателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, проф-др Никола Николов од Шумарскиот факултет –Скопје и претставници на Противпожарниот сојуз на град Скопје..

Покрај непосредната средба со граѓаните и директен контакт со нив за значењето на зачувување на еко-системот во природата, ќе бидат делени рекламни материјали со пригодна содржина./МИА

притисни ентер