Музика од „Битлси“ и „Квин“ на концертот на Скопски брас-квинтет

Познатите теми од „Битлси“ и „Квин“ првпат во Македонија ќе прозвучат од лимени дувачки инструменти на концерт на Скопскиот брас-квинтет во камерната сала на Македонската филхармонија.

Вечер членовите на квинтетот: Александар Илијевски и Вилијам Бараковски (труби), Благоја Василевски (хорна), Никола Ристевски (тромбон) и Александар Ниниќ (туба) ќе ги изведат популарните: „Bohemian Rhapsody“, „Imagine“, „Hey Jude“, „I Want Hold Your Hand“, „Yesterday“, „She Loves You“, „Somebody to Love“, „Help“...

- Скопскиот брас-квинтет е формиран во 2016 година. Има широк репертоар и различни стилови и жанрови. Досегашните настапи на овој состав не биле од концертен карактер, овој концерт отвора ново поглавје во нивната кариера. Не случајно изборот се композиции од „Битлси“ и „Квин“, за да се слушне и една поинаква страна на лимените дувачки инструменти, надвор од класичниот музички репертоар, соопшти Македонската филхармонија.

Членовите на Скопскиот брас-квинтет се редовни членови во Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и надворешни соработници во Градскиот дувачки оркестар, Биг-бендот на МРТВ и Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија./МИА

СДСМ: Платите во Македонија растат, ниту една лажна вест од ВМРО-ДПМНЕ не може да го оспори раздвижувањето на економијата

Криминалното и расипничко 11 годишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ ги турна граѓаните и државата во сиромаштија и долгови.

Денеска кога ВМРО-ДПМНЕ се обидува да глуми загриженост и да шири неточни, лажни вести треба да и биде јасно дека е прочитана од граѓаните а демантирана од фактите.

Само последните три месеци од криминалното владеење на ВМРО ДПМНЕ донесоа пад на економијата од -1.3 отсто во првиот квартал од 2017 година. За само неколку месеци, успешните економски политики на владата на СДСМ придонесоа во последното тримесечие од 2017 година да има раст од +1.3 отсто.

Минималната плата порасна на 12.000 денари, се изедначи за сите индустрии и денес околу 90.000 семејства имаат повисоки плати. Тоа влијае и врз растот на просечната плата којашто според официјални податоци, во март 2018 година бележи раст од 5,6 отсто во однос на истиот месец од 2017 година.

Јавниот долг за првпат е намален по неколку години постојано зголемување, а намалена е и фреквенцијата на задолжување.

Фактите покажуваат дека промените носат економски напредок, раст, поголеми плати и подобар животен стандард за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ останува заробеник на едно минато време и погрешни политики коишто граѓаните ги поразија. Опозициската партија се уште не може да собере сили да се реформира и да се профилира во сериозен, демократски политички субјект, со јасен политички профил и начин на дејствување. /МИА

Телефонски разговор Меркел-Заев - поддршка да се најде заемно прифатливо решение за името

Премиерот Зоран Заев телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, која дала поддршка за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот со Грција околу името, потврдија за МИА од Владата.

Меркел имаше одвоени средби со Заев и со грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа минатата седмица во Софија, а за важноста која таа му го придава на спорот покажува и тоа што прес-конференцијата во Софија ја почна токму со поздравување на напорите кои ги вложуваат двете земји во обидите да најдат решение за името.

Со Меркел денеска телефонски разговарал и грчкиот премиер Ципрас, јави радио Дојче веле. 

Кабинетот на Меркел потврди дека таа разговарала со двајцата премиери, но не изнесе повеќе детали.

Заев и Ципрас преговараа за името на маргините на Самитот во Софија, по што македонскиот премиер изјави дека пронашле опција која е прифатлива за двете страни. По лидерската средба викедов Заев ја соопшти опцијата - Република Илинденска Македонија, а Кабинетот на Ципрас кусо потоа излезе со соопштение во кое бара во името да биде содржана временска или географска одредница. 

Македонската Влада останува на ставот дека предлогот Република Илинденска Македонија е решение прифатливо за двете страни, додека официјална Атина инсистира името да се одбере од пакетот предлози на Метју Нимиц.

Двете страни ги изнесуваат позициите пред новата рунда преговори за името. Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас в четврток и петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Нимиц. /МИА

Нови субвенции за купување велосипеди и замена на водомери во општина Карпош

На денешната десетта седница на Советот на општина Карпош, советниците ја одобрија одлуката за добивање на финансиски средства, за замена на стари куќни водомери на со нови ултразвучни.

Водомерите ќе се интегрираат во системот на далечинско одчитување на системот на Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, нагласи дека ова е грант од ЕБРД преку Министерството за транспорт и врски кој ќе изнесува околу 200.000 евра.

Со овој проект би се опфатиле 500 куќни домаќинства.

На седницата исто така беше одобрена предлог-одлуката за субвенционирање на купување нови велосипеди. По масовниот интерес за првата ваква акција, во која беа предвидени 300.000 денари, локалната самоуправа продолжува со уште една ваква акција, во која се предвидени дополнителни 360.000 денари финансиски средства, со кои ќе се помагаат карпошани да купат нови велосипеди.

Советниците ги усвоија и Извештаите за работата во областа на детската, здравствената и социјалната заштита, културата и образованието. Исто така, се усвоија и Извештаите за работата во областа на заштитата и спасувањето, екологијата и енергетската ефикасност и работата на организација на Советот за периодот од 01.01 до 15.05 .2018 година.

На оваа седница, советниците го усвоија и предлогот за времено давање на недвижни ствари (простории на локалната самоуправа на надвозникот „ Влајко“) на Министерството за земјоделие на Република Македонија.

притисни ентер