Формирана нова партија – Граѓанско Демократска Унија

Новата политичка партија Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) денеска во Скопје го одржа основачкото собрание. За нејзин прв претседател е избран Петар Колев.
Новиот политички субјект, како што рече Колев, ќе работи за воспоставување правна држава.

Тој на собранието ја истакна важноста на прашањето „во каква држава сакаме да живеат нашите деца“, подвлекувајќи дека Македонија треба да стане силна и безбедна држава за сите нејзини граѓани.

На основачкото собрание присуствуваа и двајца членови на Европскиот парламент од редовите на конзервативците, Ружа Томашиќ од Хрватска како и бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски и одржаа кратки говори во знак на поддршка.

ГДУ е стационирана центар-десно во политичкиот спектар и е со изразено граѓански карактер.  /МИА

Арсовски: Наместо инвестиции во РЕК Битола, бизниси во четири очи и вработување блиски роднини на функционери од СДСМ

Средствата од буџетот за РЕК Битола наместо за инвестиции и нови проекти одат за бизниси во четири очи и за вработување на блиски роднини на функционерите од СДСМ.

Васко Ковачевски откако стана директор на РЕК Битола, се погрижил да вработи и голем дел од неговото семејство во оваа државно претпријатите. Во РЕК Битола од неодамна се вработени Горан Димовски, брат на сопругата на Ковачевски и Миле Вељановски кој е зет за прва братучетка на Ковачевски, инаку негов близок соработник во предизборните кампањи.

Вработување во РЕК  Битола има и за роднините на Александар Кирацовски, кој е генерален секретар на СДСМ а потекнува од Битола, имено во РЕК Битола од неодамна е вработен неговиот прв братучед Златко Кирацовски. Вработување во РЕК Битола добила и сопругата на градоначалникот на Новаци, Марица Кузмановска.

Сега две години откако ветуваа живот за граѓаните, гледаме дека тој живот всушност е живот за семејствата на функционерите на СДСМ. Непотизам од најголеми размери. Непотизмот стана главна одлика на оваа власт, услов за вработување станува роднинската врска со некој функционер или пак партиската послушност. Ова е уште еден доказ дека општеството длабоко се партизира, а институциите се користат како место за задоволување на партиски апетити на власта.

Почитувани,

Додека средствата од РЕК Битола се трошат за нови вработувања и тендери во четири очи со фирми блиски до власта во РЕК  Битола се случуваат константни испади на блоковите кои причинуваат штети вредни стотици илјади евра.

На 12- ти овој месец падна БЛОК-3, кој последно беше ремонтиран и кој требаше континуирано да е во мрежа зимските месеци, а завчера испадна и БЛОК-1. Тоа се штети од околу половина милион евра. Една штета на еден блок е околу 200.000 евра.

Неспособноста на раководство на РЕК предводено од Ковачевски го загрозува нормалното функционирање на термоелектраната во зимскиот период,  која е пак најголем производител на струја во државата.

Господине Ковачевски не ги трошете средствата на РЕК Битола за вработување на вашите роднини и партиски колеги и за склучување договори во четири очи. Договорите во четири очи со СВ Инвест која како што знаете според медиумите се поврзува со Вице Заев, а која од РЕК Битола во ваше време има добиено 1 милион евра бизниси во четири очи јасно покажува дека вашите партиски бизнис интереси се пред сите други.

Но, не заборавајте дека еден ден, за сите работи кои што ги правите сега, ќе бидат проверени и ќе сносите одговорност. /МИА

Кривична пријава за стружанец за напад на сограѓанин

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „насилство", Надворешната канцеларија за криминалистички работи- Струга до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против А.М.(27) од струшката населба „Плитишта".

Лицето, како што соопшти денеска СВР Охрид, казненото дело го сторило на 30 ноември оваа година, околу 17 часот, пред угостителски објект лоциран на улицата „Димитар Влахов" во Струга. Најпрво предизвикал вербална расправија со Л.Ч.(37) од Струга, а потоа и физички го нападнал.

Повредениеот веднаш бил пренесен во Општата болница во Струга каде му била дадена неопходна медицинска помош. /МИА

Пресечен меѓународен нарко канал, запленети околу 515 килограми марихуана

На граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија вчера се запленети околу 515 килограми марихуана во специјално направен бункер на кровот на приколката од камион со скопски регистерски  таблици.

-Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера на граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија, заплени околу 515 килограми марихуана, а од слобода е лишено едно лице. Запленетата марихуана требало да се транспортира до Турција, а нејзината вредност се проценува на над милион евра, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес-конференција.

По претходно дадени насоки, како што појасни тој, на Граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија извршен е претрес  во товарно моторно возило марка „Ман"и полуприколка –ладилник со скопски  регистерски  таблици, сопственост на правно лице, а управувано од З. А. (46) од Скопје. При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен.

Во рамките на криминалистичкото истражување утврдено е дека во текот на ноември и декември, Д. С. (33) од Скопје набавил марихуана од Албанија со цел продажба во Турција, а го организирал и транспортот преку Македонија и Грција до територијата на  Турција.

За реализација на транспортот, Д.С. за соодветен паричен надомест го ангажирал З.А.. Бункерот во возилото бил направен во Турција и оттаму З.А. го донел возилото во Скопје, каде веќе била подготвена марихуаната за транспорт.

-Во текот на вчерашниот ден, по издадени наредби од  судија на претходна постапка,  извршен е претрес во домот на Д.С. во Скопје, со цел пронаоѓање и обезбедување на дополнителни материјални докази. Од извршениот претрес, пронајдени и одземени се едно возило Рено меган, мобилни телефони и бројна документација. Во текот на денешниот ден до обвинителството е  поднесена   кривична пријава против Д. С. како организатор на транспортот и З. А. како транспортер на дрогата, за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори" по член 215 ст.3 од Кривичниот законик на Македонија, истакна Ангеловски. /МИА

притисни ентер