УПОЗ реагира на изјавите за непродуктивност на администрацијата

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) реагира на изјавите на премиерот за непродуктивност на администрацијата и за тоа дека вработените не заслужуваат зголемување на платите.

За УПОЗ, ваквите изјави се неприфатливи и со нив премиерот генерализира состојба и создава впечаток дека сите вработени во администрацијата се неработници.

- Неговиот став дека администрацијата не работи и дека работи на принципот „клати врата земи плата“, всушност покажува дека владата, министрите, директорите, раководителите на сектори и одделенија кои ги назначува Владата, се оние кои треба да бидат одговорни за лошото менаџирање и вината треба да ја побара кај нив, а не кај административните службеници, велат од УПОЗ.

Од Синдикатот бараат од премиерот да ги преиспита ваквите ставови и, како што велат, наесен очекуваат зголемување на платите на вработените во администрацијата и јавниот сектор.

- Синдикатот на УПОЗ сака да го праша премиерот дали знае колкави се примањата на вработените во администрацијата, зошто овие вработени немаат регрес за годишен одмор, кога било последното зголемување на нивните плати, дали имаат основни услови за работа и дали се жртви на мобинг токму од политички поставените директори или раководители? Дали премиерот може да објасни зошто вработени со работно искуство повеќе од 25 години се уште имаат статус на помлад референт, а новопримени вработени без ден работно искуство стануваат раководители, директори па дури и министри? Зошто за да се применат некои законски одредби кои се во корист на работникот мора да интервенираат инспекциските служби и да се бара судска заштита и зошто се уште се исплаќаат плати со правилници и одлуки наместо со колективни договори и закони, прашуваат од УПОЗ. /МИА

Македонија гласа на првиот круг претседателски избори

Македонија по 7 пат бира претседател на државата. Гласачките места  ќе бидат отворени  до 19 часот. 

По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи, а според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи. Вчера на 31 избирачко место гласаа и нашинци во дијаспората, како и затворениците и болните и немоќни лица. Утринава нашата екипа е на отворањето на гласачките места во Влае. Таму е Игор Манасивски.

Целосниот извештај погледнете го во видеото.

Лични документи можат да се подигнат и денеска

Лични документи можат да се подигнат и денеска, на денот на изборите, информираат од МВР.

- Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 24.04.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот, соопштуваат од МВР.

Исто така, граѓаните на Скопје, ќе можат своите лични карти да ги подигнат во полициските станици во Скопје.

Јавниот превоз во Скопје со неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи

Јавниот превоз денеска ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи, соопшто Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

притисни ентер