Македонија и Косово ќе соработуваат во екологијата

Проблемите со воздухот, водите и биодиверзитетот беа главните теми за кои денеска во Скопје разговараа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и неговата колешка од Косово, Албена Решитај.
- Разговаравме за природата и за прогласување на Шар Планина за национален парк. Косово тоа веќе го има, а наскоро ќе биде и кај нас. Се очекува соработка за оваа тема меѓу двете држави. Разговаравме и за проблемите кои се однесуваат на водите, за реката Лепенец и за проблемите со воздухот, изјави министерот Дураки по средбата.

Косовската министерка за животна средина и просторно планирање Решитај нагласи дека ќе дадат се од себе за да ја подобрат животната средина на двете држави.

- Нашата цел, на двете држави, е интеграција во ЕУ и ова ни е прилика за понатаму да ја развиваме нашата соработка и така заедно кон ЕУ. истакна Решитај. /МИА

Путин и Трамп во Хелсинки: Тензија без насмевки

Претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот колега Владимир Путин се состанаа во Хелсинки, се појавија пред медиумите, а потоа заминаа на разговор зад затворени врати.

Како што оценуваат светските медиуми, првата билатерална средба на двајцата лидери изгледала “тензично“, ракувањето траело околу три секунди и скоро и да немало насмевка.

Во првата протоколарна изјава Путин доби предност и истакна дека му е задоволство што се сретнал со Трамп, додека американскиот претседател му честиташе на колегата на организацијата на Светското првенство во фудбал и играта на руската селекција.

„Гледав малку...Се беше прекрасно направено. Има многу работи за кои треба да разговараме, од трговија, до Кина и нашиот заеднички пријател претседателот Си. Имаме извонредна можност заедно, но со години не бевме согласни. Согласувањето е добра работа, светот сака да го види тоа“ – изјавил Трамп.

„Тет-а-тет“ состанокот меѓу Путин и Трамп се случува без присуство на било кое друго официјално лице или друга држава, покрај нив во просторијата се само преведувачите.

Американските медиуми навеле дека претседателот на САД категорично барал на разговорите да не присуствува никој.

Ѕанакопулос: Договорот ќе помине во Парламентот, во спротивно немаше да го потпишеме

Очигледно е дека договорот ќе помине  во грчкиот Парламент, во спротивно немаше да го потпишеме, вели портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио Реал фм.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ѕанакопулос објаснува дека грчката влада сака во Парламентот да има колку е можно поголемо мнозинство „за овој многу важен договорот, што на најдобар можен начин затвора едно 25-годишно прашање“.

-Господинот Каменос и Независни Грци доставија предлог во врска со потребата за едно проширено мнозинство во грчкиот Парламент, за 180 пратеници. Овој предлог е на маса. Грчката Влада ги очекува резултатите на референдумот и обидот за уставна ревизија и штом ова се заврши на позитивен начин, ќе го сториме она што го предвидува договорот, да го донесеме во грчкиот Парламент, борејќи се за колку е можно пошироко парламентарно мнозинство, кое според мое мислење, е можно да се постигне, рече Ѕанакопулос за грчкото радио. /МИА

Очите на целиот свет се вперени во нив: Почна самитот Трамп - Путин (видео)

Историскиот самит, само што започна во Хелсинки, откако рускиот и американскиот претседател седнаа пред новинарите.

Инаку Путин доцнел па целиот настан и тој е поместен за околу 20 минути.

Во пресрет на состанокот во четири очи, Трамп и Путин седнаа пред новинарите на кои на кратко им се обратија. Путин беше краток, изјавувајќи дека ќе разговаат за сите важни теми. За разлика од него, Трамп говореше нешто подолго, наведувајќи ги темите за кои има намера да разговара.

Според планот на самитот, Владимир Путин и Доналд Трамп ќе имаат отприлика околу три часа, колку што би требало да трае нивниот разговор, да ги “поминат“ сите теми кои се на маса.

Двајцата светски лидери ќе разговараат очи в очи, во финската Претседателска палата, здание од 19 век, кое своевремено била резиденција за руските цареви во Финска.

Од ситуацијата на Блискиот исток, пред се Сирија, улогата на Иран, потоа Украина, каде истокот на земјата го контролираат проруските сили, а тука се и западните санкции воведени кон Русија после анексијата на Крим, наводното руско мешање во американските избори, како и состојбата во која се наоѓа договорот за нуклеарно вооружување.

Инаку самитот во Хелсинки ќе биде четврта средба на претседателите Трамп и Путин од инаугурацијата на Трамп во јануари 2017 година.

И додека некои посматрачи гледаат предност во можното приближување на САД и Русија, други и понатаму се песимисти бидејќи сметаат дека нормализацијата на односите најмногу зависи од решавањето на три примарни прашања: истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер за руското мешање во американските избори, продолжувањето на санкциите спрема Русија и припојувањето на Крим кон Русија во 2014 година.

И пред да почне да разговара со Путин, Трамп на својот твитер налог напиша дека односите меѓу САД и Русија никогаш не биле полоши.

притисни ентер