Леброн го предводеше Кливленд до најголемиот пресврт во историјата на НБА плеј-офот

Леброн Џејмс беше јунакот во победата на Кливленд ноќеска над Индијана во натпревар на кој се случи најголемиот пресврт во историјата на плеј-офот од НБА лигата.
Шампионот на почетокот на третиот период губеше со 26 поени разлика, за на крајот да стигне до голем триумф.

Џејмс натпреварот го заврши со „трипл-дабл“ ефект – 41 поен, 13 скока и 12 асистенции.

Воедно, тој сега има 5.670 поени со што го мина Коби Брајант (5.640) на 3.место на листата на најдобрите стрелци во плеј-офот. Пред него се уште Карим Абдул Џабар со 5.762 и Мајкл Џордан со 5.987 поени.

Кливленд по оваа победа се наоѓа на чекор до пласман во конференциското полуфинале.

Резултати на натпреварите одиграни ноќеска:

Индијана – Кливелнд 114:119 (0-3 во победи);

Милвоки – Торонто 104:77 (2-1);

Мемфис – Сан Антонио 105:94 (1-2).

Се игра во четири добиени натпревари. /МИА

Зидан не би го менувал Роналдо за Салах

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан не би се откажал од Кристијано Роналдо на сметка на Мохамед Салах.

- Не би го менувал Кристијано, ниту кој и да е од моите играчи. Кристијано е најголем. Тој е најдобриот фудбалер кој ќе има огромно значење и во финалето. Ако се сумира, подобро е да го имаш Кристијано во тимот, бидејќи тој го докажува својот квалитет секоја година. Дури и кога не постигнува голови, тој знае дека потоа ќе може да реализира три или четири натпревари по ред. Знае како да го направи, да се справи со напнатоста и да се врати на врвот. Некои играчи не можат да се справат со тензијата. Меѓу другото и во тоа е поразличен Роналдо. Колку повеќе се зголемува притисокот врз него, колку повеќе го критикуваат, толку подобро игра, изјави Зидан.

Двајцата ќе бидат најголемите ѕвезди во финалето на Лигата на шампионите, а се очекува тие да бидат и најголемите конкуренти за „Златната топка“.

Салах и Роналдо имаат 44 гола за своите тимови во сите натпреварувања од почетокот на сезоната, но 33-годишниот Португалец има 15 погодоци во ЛШ оваа сезона, пет повеќе од Египќанецот. 

Милан непријатно изненаден од УЕФА

Поранешниот италијански и европски шампион Милан е изненаден од одлуката на УЕФА да не ја прифати понудата на клубот за договор околу правилата за финансиски ферплеј.

Одлуката на Европската фудбалската федерација беше објавена вчера и со неа на „росонерите“ им се одбива предлогот за договор и им се заканува забрана за настап во евро-куповите.

- Прилично непријатно сме изненадени, бидејќи очекувавме УЕФА да ни предложи договор. Откако беше воведен финансискиот ферплеј, таков договор им беше предложен на сите тимови, со исклучок на неколку помали руски клубот. Ние отидовме во УЕФА пред 15 дена и го претставивме нашиот план кој гарантираше решавање на проблемите кои се појавија поради промена на сопственикот на клубот, изјави Марко Фасоне, извршен директор на Милан.

Европската фудбалска федерација го одби планот за рефинансирање на долгот што го има Милан во висина од околу 380 милиони евра. 

Кошарка М14: Партизан Мулти Шпед и Вардар ќе се борат за трофејот

Кошаркарите на Партизан Мулти Шпед и на Вардар ќе играат во финалето на завршниот турнир во возрасната категорија до 14 години од македонскиот шампионат.

Ова е епилогот по вчерашните полуфинални натпревари на кои Партизан го совлада домаќинот на турнирот МВП Струмица со 78:51, а Вардар беше подобар од Дино Баскет со 84:57.

Финалето на Ф4 турнирот е закажано за попладне од 17 часот и 30 минути, два и пол часа претходно ќе се игра натпреварот за 3.место./МИА

притисни ентер