Европскиот првак Алкалоид против лидерот на табелата Глобус во меч од 6.коло на ЕКК

Европскиот првак во шах Алкалоид денеска во мечот од шестото коло на Европскиот клупски куп што се игра во Анталија за ривал го има лидерот на табелата русиката екипа Глобус.
По поразот во второто коло Алкалоид постигна три убедливи победи и со осум поени се наоѓа на третата позиција, веднаш зад Глобус и Олдар Јурду, кои имаат по девет. Овие два тима вчера во меѓусебен дуел одиграа нерешено.

Ова е важен дуел за екипата на Алкалоид, која со триумф ќе има шанса и да ја одбрани титулата.

На дуелот Алкалоид - Глобус распоредот на таблите е следен: Лирен Динг - Владимир Крамник, Павел Ељанов - Шахријар Мамедјаров, Дмитри Андрејкин - Александер Гришчук, Јанг Ји - Ју - Сергеј Карјакин, Дмитри Јаковенко - Аниш Гири и Јури Криворучко - Јан Непомниачи.

Втората македонската екипа учесничка на ЕКК Гамбит Асеко по двата пораза падна на 15.место на табелата и денеска ќе игра против Дунајска Стреда. /МИА

СП 2018: Тешка победа на Шпанија против Иран

  Шпанија со минимални 1:0 го совлада Иран синоќа во рамките на Б-групата на Светското фудбалско првенство во Русија.

Иако Шпанците влегоа како апсолутни фаворити во натпреварот многу потешко од очекуваното дојдоа до значајната победа и до трите бода.

Во првиот дел Иран прикажа добра игра особено во одбраната, која Шпанија не успеа да ја пробие и полувремето заврши без голови.

Вториот дел беше многу подинамичен со повеќе шанси на двете страни. Во 54-та минута Диего Коста поентираше по лошата интервенција на еден од играчите на Иран и донесе водство за победа од 1:0 за Шпанија.

Во 63-та минута Езатолахи успеа да постигне погодок за израмнување, но по прегледувањето преку ВАР системот голот беше поништен.

Иранците до крајот на натпреварот уште неколку пати се обидоа да го загрозат голот на Шпанија, но изостана реализација.

По оваа победа Шпанија и Португалија имаат по четири бода, Иран остана на три, додека Мароко е без бодови. 

СП 2018: Уругвај ја совлада Саудиска Арабија и обезбеди пласман во осминафинале

Уругвај со минимални 1:0 ја совлада Саудиска Арабија во второто коло од групата А на Светското првенство во Русија.

Уругвајците ја забележаа втората победа на Мундијалот и обезбедија место во осминафиналето.

Стрелец на победничкиот гол беше Луис Суарез во 24-та минута, кој го искористи невниманието на одбрана на Саудиска Арабија.

Во останатиот дел од натпреварот Уругвајците успеаа да го обранат минималното водство доволно за победа.

Место во нокаут фазата од оваа група обезбеди и Русија, која исто така по двете кола освои максимални шест бода. /МИА

СП 2018: Роналдо и донесе победа на Португалија против Мароко

Португалија со минимални 1:0 го совлада Марoко во групата Б на Светското првенство во Русија.

Стрелец на победничкиот гол во четвртата минута беше Кристијано Роналдо.

Во текот на целиот натпревар Мароко ја имаше иницијативата, особено во вториот дел кога се обиде сериозно да го загрози португалскиот гол.

Меѓутоа, Португалија успеа да се обрани и неколку пати се обиде да го зголеми водството преку контранапади.

Мароко со два порази ги загуби шансите за пласман во следната фаза, а Португалија со четири освоени бода е на чекор од осминафиналето. /МИА

притисни ентер