Лазаров го најави четвртиот ракометен камп

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров и оваа година ќе одвои време негово знаење кое го стекнал во својата пребогата спортска кариера да го пренесе на младите за време на кампот „Кирил Лазаров 7“.

- Изминатите години поставивме високи стандарди во организација на самиот камп од секој аспект и ќе биде многу тешко во иднина да ги следиме и дополнително да ги надградиме. Ќе се обидеме оваа година да бидеме поиновативни, покреативни, поквалитетни, како во спортскиот така и во делот за едукативните предавања и организацијата на слободното време, вели Лазаров.

Изминатите три години на кампот на најдобриот стрелец во историјата на ракометот поминаа повеќе од 700 учесници, голем дел од Македонија но и кампери од Босна, Данска, Шведска, Романија, Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Шпанија и Франција.

- Радува фактот на исклучително големата заинтересираност за овој настан годинава и тоа не прави да се чувствуваме горди, но од друга страна и многу поодговорно да пристапиме на организацијата на кампот кој и оваа година ќе се одржи во прекрасниот Охрид.  Да бидам искрен, со нетрпение го очекувам јуни и нашето ново другарување, седум дена каде што ќе тренираме и учиме ракомет, каде ќе бидеме позитивни, поставуваме нови цели, ќе се едуцираме што значи здрава и правилна исхрана, развиваме тимски дух и дисциплина, како предуслов за успех во спортот и во животот, нагласува капитенот на македонската репрезентација.

Кампот и оваа година ќе се одржи во Охрид, во спортскиот комплекс на хотелот „Аквалина“, во две смени стартувајќи од 2 јуни до 2 јули. 

Милан непријатно изненаден од УЕФА

Поранешниот италијански и европски шампион Милан е изненаден од одлуката на УЕФА да не ја прифати понудата на клубот за договор околу правилата за финансиски ферплеј.

Одлуката на Европската фудбалската федерација беше објавена вчера и со неа на „росонерите“ им се одбива предлогот за договор и им се заканува забрана за настап во евро-куповите.

- Прилично непријатно сме изненадени, бидејќи очекувавме УЕФА да ни предложи договор. Откако беше воведен финансискиот ферплеј, таков договор им беше предложен на сите тимови, со исклучок на неколку помали руски клубот. Ние отидовме во УЕФА пред 15 дена и го претставивме нашиот план кој гарантираше решавање на проблемите кои се појавија поради промена на сопственикот на клубот, изјави Марко Фасоне, извршен директор на Милан.

Европската фудбалска федерација го одби планот за рефинансирање на долгот што го има Милан во висина од околу 380 милиони евра. 

Кошарка М14: Партизан Мулти Шпед и Вардар ќе се борат за трофејот

Кошаркарите на Партизан Мулти Шпед и на Вардар ќе играат во финалето на завршниот турнир во возрасната категорија до 14 години од македонскиот шампионат.

Ова е епилогот по вчерашните полуфинални натпревари на кои Партизан го совлада домаќинот на турнирот МВП Струмица со 78:51, а Вардар беше подобар од Дино Баскет со 84:57.

Финалето на Ф4 турнирот е закажано за попладне од 17 часот и 30 минути, два и пол часа претходно ќе се игра натпреварот за 3.место./МИА

Роналдо: Имам голема почит кон Ливерпул, но мислам дека сме подобри

Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо го спореди Ливерпул со неговиот тим од пред неколку години, најмногу во контекст на триото во нападот - Салах, Мане и Фирмино. 

Тимот од Мадрид за трофејот во финалето ќе се борат против „црвените од „Енфилд“.

- Тие ме потсетуваат на Реал од пред неколку години, со три брзи играчи во нападот. Тие се во финалето заслужено. Имам голема почит кон Ливерпул, но мислам дека сме подобри, изјави Роналдо, цитиран од „Индепендент“.

Португалецот додаде дека ова е историски момент за клубот и дека треба да го покажат искуството во такви ситуации.

- Од суштинско значење е да напишеме историја, а не кој ќе постигне гол. Ја сакам Лигата на шампионите, бидејќи за да ја освоите, мора да ги победите најдобрите тимови на континентот и секогаш се случува нешто возбудливо, вели Роналдо.

Финалето на Лигата на Шампионите се игра во сабота, 26 мај во Киев./MИА

притисни ентер