Според соопштението од Министерството ,состанокот се одржува во рамките на Самитот на ЕУ - Западен Балкан под покровителство на Бугарското претседателство со Советот на Европската Унија.
На состанокот се разговараше за регионалната транспортна поврзаност и се презентираа потенцијални проекти и можности за инвестиции пред претставниците на меѓународните финансиски институции.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески ги презентираше тековните и планираните проекти во патната и железничката инфраструктура во Република Македонија, посебно задржувајќи се на инвестиците на Коридорите 8 и 10.
“Овие инвестиции ќе обезбедат унапредување на транспортната поврзаност, особено имајќи предвид дека воспоставувањето конкурентна и безбедна Транс – европска транспортна мрежа во Република Македонија како дел од Европската транспортна мрежа, претставува заедничка цел на земјите од регионот кои се стремат кон полноправно членство во Европската Унија, “ истакна министерот Сугарески.
Овој состанок претставува дел од стратешкиот дијалог за Западен Балкан поддржан од Светскиот економски форум со цел унапредување на јавното-приватно партнерство за понатамошно зајакнување на инвестициите во регионот.
На состанокот, покрај министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, присуствуваа и министрите за транспорт и инфраструктура на земјите од Регионот како и претставници на меѓународните финансиски институции.
Во рамките на министерскиот состанок, министерот Сугарески оствари билатерална средба со косовскиот министер за инфраструктура на која се разговараше за автопатско поврзување меѓу Република Македонија и Косово, преку изградба на автопатот Скопје-Приштина.
Двајцата министри се согласија дека е потребна изградба на автопатска врска, заради потребата од зајакнување на економските односи меѓу двете земји.