Три претстави од странство и три од Македонија ќе се натпреваруваат на „Гола Месечина“

Програмата на петтиот по ред меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ што ќе се одржи од 18 до 24 јуни во Спортскиот центар Ново Лисиче беше презентирана денеска на прес-конференција во Театар Комедија.

Директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски и селекторот на Фестивалот, актерот и режисер Роберт Ристов, информираа дека годинава ќе се натпреваруваат три претстави од странство и три од Македонија. Последниот ден кога ќе бидат прогласени победниците, фестивалот ќе се затвори со детска претстава и стендап комедија.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека ова е уникатна можност за сите љубители на театарот да проследат квалитетни претстави од македонската и меѓународната сцена и ги покани граѓаните да бидат дел од оваа културна манифестација.

Општина Аеродром годинава издвои еден милион денари за поддршка на овој културен настан и дава логистичка и медиумска поддршка.

Инаку, на Фестивалот ќе бидат доделени награди за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка и за најдобра претстава во целост. Од оваа година фестивалот внесе уште една категорија на награда – награда за епизодна улога./МИА

Де Соуза: Португалија одговорна за злосторствата за време на трансатлантското ропство

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза рече дека Португалија е одговорна за злосторствата извршени за време на трансатлантското ропство и колонијалната ера и посочи дека има потреба од репарации.

Говорејќи на настанот на кој доцна синоќа беа поканети странски дописници, Ребело де Соуза рече дека Португалија „ја презема целосната одговорност“ за неправдите од минатото и дека тие злосторства, вклучително и колонијалните масакри, имаат „цена“.

Тој посочи дека Португалија мора да ја плати цената.

„Дали има злосторства што не се казнети, а одговорните не се уапсени? Дали има стока што е ограбена и не е вратена? Да видиме како можеме да го поправиме тоа“, рече Ребело де Соза.

Во текот на повеќе од четири века, најмалку 12,5 милиони Африканци беа киднапирани, насилно транспортирани на долги растојанија главно со европски бродови и продадени во ропство.

Оние кои го преживеале патувањето завршиле со работа на плантажи претежно во Бразил и Карибите, додека други профитирале од нивниот труд.

Португалија продаде речиси шест милиони Африканци, повеќе од која било друга европска нација, но досега не успеа да се соочи со своето минато, а во училиштата малку се учи за нејзината улога во трансатлантското ропство. /МИА

Се одржа Меѓународниот натпревар за сирени во Шангај

Подводниот визуелен спектакл „Мермејд опен“ (Mermaid Open), познат и како Меѓународен натпревар за сирени во Шангај, Кина се одржа минатиот викенд. На него учествуваа стотина спортисти од Кина, Јужна Кореја и Казахстан.

Беа прикажани уметнички нуркачки вештини во неколку дисциплини, а натпреварувачките и натпреварувачите се оценувани во неколку категории.

Натпреварот се одржа во базен со 7.500 кубни метри вода и околу 50.000 риби во него, a двајца од јужна Кина се прогласени за шампиони - во женска и машка конкуренција, пишува „Шангај дејли“. Натпреварите со сирени станаа многу популарни во Кина последниве години, а за да го поттикне овој спорт, Океанскиот парк „Хајчанг“ во Шангај планира да организира серија настани и за претстојните празници во мај.

Видео: Атина „проголтана“ од сахарска прашина, градот обоен во портокалово

Атина и јужните делови на земјата вчера беа обвиени со сахарска прашина, со нијанси на жолта и портокалова боја што создава нереална атмосфера во градот.

Облаците од прашина, пренесени преку Средоземното море од северна Африка, го обвија акропол и другите знаменитости на Атина.. Силните јужни ветрови носеа прашина од Сахара, па во последните часови од денот грчката престолнина изгледаше како да е користен филтер за фотографирање, пренесува Euronews. Метеоролозите најавуваа дека небото ќе се расчисти денеска поради промената на правецот на ветерот, поради што ќе паднат и температурите.

притисни ентер