Масовно труење со печурки – најмалку 11 починати , стотици затруени

Најмалку единаесетмина досега починаа од труење со печурки во Иран , а над 800 се затруени .

Стотици луѓе се сместени во болници по најмасовното труење со печурки, кои изгледале како да се за јадење .Според Иранските медиуми , нема противотров за ваквиот вид печурки . На најмалку двајца од хоспитализираните им е трансплантиран црн дроб. Низ земјата луѓето се предупредуваат да не купуваат печурки без сертификат и да ги купуваат само во продавници .

Но, најчесто во Иран печурки се набавуваат на пазарите , а видот со кој било предизвикано ова големо труење расте на планинските подрачја на запад. Токму од тој регион , Керманша , се седуммина од загинатите.

Медиумите известуваат дека силните дождови во последниот период се причина за огромното количество печурки кои никнале во овој регион на Иран.

Видео: „Мона Лиза“ рапува со помош на вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ ја претстави новата технологија со вештачка интелигенција наречена „ВАСА-1“, што може да сними фотографија и аудиоисечок и да ги комбинира во реалистична видеоснимка.

За почеток, технолошкиот гигант претстави видео на кое „Мона Лиза“ на ренесансниот уметник Леонардо да Винчи „ја рапува“ песната „Paparazzi“... Но, овде не се работи за хитот на Лејди Гага, туку рап-верзијата што Ен Хатавеј ја изведе во „Емисијата на Конан О'Брајан“ во 2011 година.

„Ова е толку смешно, плачам од смеење“, „Само Да Винчи да можеше да го види ова“, „Уште едно страшно видео со вештачка интелигенција“, „Ова е морничаво“ - се дел од коментарите.

Видеото набрзо собра над 7,1 милиони прегледи на само еден профил на „X“.

Мадуро размислува повторно да се отвори Канцеларијата на ОН за човекови права во Венецуела

Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права, откако претходно, во февруари, венецуелската Влада побара од вработените во Канцеларијата да ја напуштат земјата во февруари.

-Добив предлог за повторно отворање на Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права во Венецуела и се согласувам дека треба да ги надминеме нашите разлики, изјави Мадуро за венецуелската национална телевизија, за време на заедничкиот говор со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.

Мадуро додаде дека е подготвен наскоро да се сретне со Фолкер Тирк и дека претставникот на Канцеларијата е добредојден да дојде на разговори за разликите што ги имаат и начините за надминување на конфликтот што произлезе.

Откако кон средината на февруари од персоналот на Канцеларијата за човекови права на ОН беше побарано да ја напушти Венецуела, владата најави дека во рок од еден месец ќе ги ревидира техничките услови за соработката.

Венецуелската влада потоа го критикуваше „колонијалистичкиот, навредлив и насилен однос“ на ОН, откако специјалниот известувач рече дека венецуелската програма за храна не се занимава со основните причини за гладта во земјата, потсетуваат британските медиуми. /МИА

Рускиот свештеник кој држеше опело за Навални отстранет од црквата на три години

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

Рускиот православен свештеник кој во март одржа комеморација во спомен на починатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални е суспендиран на три години од извршувањето на неговите духовни должности, соопшти Московската епархија на Руската православна црква, цитирана од британските медиуми.

Во соопштението, кое беше објавено вчера на веб-страницата на епархијата, не е наведена причината за казната за отец, Дмитриј Сафронов, со која му се одзема правото да дава благослов и да носи расо и свештенички крст до 2027 година.

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

-По истекот на периодот на покајание (казна - забелешка изд.), врз основа на повратните информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука дали е можно тој да продолжи со свештеничката служба, наведуваат од епархијата.

На 26 март, Сафронов одржа комеморација на која присуствуваа илјадници луѓе за Навални, кој беше најжесток критичар на руската територија на претседателот Владимир Путин и кој почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот. /МИА

притисни ентер