Проекција на „Прашина“ во Кинотека како последен поздрав до доајенот Салаетин Билал

Во Кинотека на Македонија вечер ќе биде прикажан филмот „Прашина“ од Милчо Манчевски како последен поздрав до доајенот на театарското и филмското глумиште Салаетин Билал.

Билал беше театарски, филмски и телевизиски актер кој студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје, а како актер гостува и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма.

За своето актерско умеење бил награден како најдобар артист на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1976 и 1990 година, а на Театарските игри во 1992 година ја добил награда за најдобра споредна улога. Двапати бил добитник на наградата што ја доделува ревијата „Екран“ - Актер на годината во 1976 и 1977 година. Добитник е и на општествените признанија „13 Ноември“ - награда на градот Скопје за 1977 година, а во 1984-та го доби највисокото републичко признание наградата „11 Октомври“.

Во филмографијата на Салаетин Билал се вбројуваат многу филмски остварувања, но ќе останат запамтени и неговите телевизиски остварувања меѓу кои „Волшебното самарче“, „Итар Пејо“, „Солунски патрдии“, „Македонски народни приказни“./МИА

Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка во посета на Македонија

Новоназначената генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу денеска престојува во работна посета на Македонија.

Брегу за време на посетата на Скопје е предвидено да има средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Пред почетокот на средбата предвидена е и прес-конференција на Османи и Брегу.

Мајлинда Брегу на почетокот на годинава ја презеде должноста генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка, извршно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија. Таа на функција дојде откако во април минатата година министрите за надворешни работи на земјите-членки на Процесот, на самитот во Словенија.

Мајлинда Брегу е искусна политичарка од Албанија, поранешна министерка за евроинтеграции, која силно ја поддржува Европската унија.

Брегу функцијата ја презеде од Горан Свилановиќ, кој беше на чело на Регионалниот совет за соработка од 2013 до 2018 година, во два мандата./МИА

Обилни врнежи од снег се најавени за следната недела

Краткотраен спас од загадениот воздух најверојатно ќе дојде со промената на времето и најавениот ветер.

Од УХМР велат дека во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд на пониските и снег на  повисоките места и  планините.

Во втората половина од следната недела врнежите се очекува да бидат по обилни, прогнозираат синоптичарите.

Ново рочиште за „Топлик"

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот „Топлик" на СЈО, каде првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град".

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани. Минатото рочиште беше одложено поради технички причини.

Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град" во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити".

Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари, односно за милион и 44.000 евра./МИА

притисни ентер