Шести „Виолин фест“ - фестивал на млади виолинисти

Во камерната сала на Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе се одржи шестото издание на Фестивалот на млади виолинисти „Виолин фест“. 

На ревијалниот концерт ќе настапат млади и талентирани виолинисти од музичките училишта од Скопје, Штип, Кочани, Прилеп и Косово, како и студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тие ќе изведат композиции од Вивалди, Крајслер, Равел, Сарасате, Ваксман...

Организатор на „Виолин фест“ и оваа година е Владимир Костов, виолинист и концерт-мајстор на Македонската филхармонија,  чија идеја е на едно место да се презентира талентот на младите виолинисти од цела Македонија.

- „Виолин фест“ наедно нуди и отворање на концертната сцена и претставување пред поширок аудиториум на младите музичари за кои музиката е вистински предизвик, соопшти Филхармонијата. 

Оваа година младите виолинисти на сцената ќе бидат придружени од пијанистката Марија Вршкова.

Фестивалот се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија и Министерството за култура. /МИА

Авион принудно слетал во Констанца, Романија

Авион кој летал од Ларнака, Кипар кон Букурешт принудно слетал во романското пристаниште на Црното море Констанца, поради проблем со закрилцата, соопштиле официјални претставници.

Според наводите, авионот на романската авиокомпанија „Блу Ер“ во кој имало 109 патници и членови на екипажот безбедно слетал во Констанца.

Директорот на аеродромот во Констанца, Богдан Артада изјавил дека пилотот на авионот кој летал од Ларнака побарал  да го приземји авионот поради тоа што не можел да ги отвори закрилцата, пренесе АП.

Во Грција почнуваат парламентарните процедури за ратификација на Договорот од Преспа

 Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, попладнево ќе го разгледа нацрт законот за ратификација и стапување во сила на Договорот од Преспа.

Претседателот на парламентот, Никос Вуцис, претходно ќе одржи состанок со потпретседателите за да се одреди парламентарната процедура, односно колку состаноци ќе одржи комисијата и кога ќе биде закажана пленарната седница.

Нацрт законот во саботата беше доставен до грчкиот Парламент, а се очекува да се изгласа до петок.

Како што во саботата објави МИА, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција, што е под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните", содржи три члена.

Првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на покревање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.

Нацрт законот, со датум од 18 јануари 2019 година, е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада./МИА.

Викендов во Скопје 34 сообраќајки, 34 лица лесно повредени

Триесет и четири лица се здобиле со лесни телесни повреди во 16 од вкупно 34 сообраќајни незгоди што се случиле изминатиот викенд на подрачјето на Град Скопје.

 Во 18 сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи полицијата од сообраќај исклучила 114 возачи кои се движеле со поголема брзина од дозволената, 12 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, 35 пред да се стекнат со право на управување моторно возило и 10 почетници.

Од сообраќај биле исклучени и 20 нерегистрирани возила, 115 за не прописно паркирање, а со специјалното возило „пајак" биле подигнати 75 возила.

Полицијата санкционирала и 11 возачи кои поминале крстосница на црвено светло, четири возачи кои не даваат првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, еден за не правилно престорјување, четворица за не правилно престигнување, четворица возачи кои не даваат првенство на минување на возила во зона на крстосница, девет за не поседување пропишана зимска опрема во возилата, 10 за не носење сигурносен појас од страна на возачите за време на управување на моторни возила и четворица за користење на мобилен телефон од страна на возачите за време на управување на моторни возила.

притисни ентер