Ахмети: Нема национално обединување, Албанците да си ги јакнат своите држави

 Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети порача дека нема да има национално обединување на Албанците во една држава.

 Ахмети истакна дека  Албанците треба да ги јакнат државите во кои живеат и заедно да се интегрираат во Европската Унија.

Ахмети синоќа во емисијата „Пресинг“ на приштинската Т7 рече дека „нема Албанец кој не ја сака Албанија и кој не сака национално обединување“, но дека работите се многу сменети од 90-тите години на минатиот век.

- Албанците сега треба да тежнеат да се обединат во Европа, со интегрирањето на Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора во Европската унија. Друга алтернатива нема. Ниту за Албанците, ниту за нашите соседи, рече Ахмети.

Говорејќи за идеите за територијални поделби, лидерот на ДУИ рече дека „концептот на поделби е штетен за Албанците“.

- Во прв ред, немаш како да делиш. Не можеш да ги делиш границите ниту со конец, ниту се лењир, рече Ахмети.

За таканаречената „Голема Албанија“, лидерот на ДУИ рече дека тој концепт на Албанците им го импутираа другите.

- Не е Албанија ниту голема ниту мала. Толкава е колкава што е, рече Ахмети во интервју за приштинската телевизија./МИА. 

Макрон го промовира неговиот концепт на ЕУ

Емануел Макрон претседателот на Франција, една од највлијателните земји-членки во ЕУ, неодамна излезе со идеја за Европа во три круга.

Емануел Макрон претседателот на Франција, една од највлијателните земји-членки во ЕУ, неодамна излезе со идеја за Европа во три круга, која подразбира пред се реорганизација на унијата со засилена економска, политичка и одбранбена поврзаност и  соработка со  Русија и Турција.

Според него, Европа за 15 години би била организирана во три круга на држави со различен степен на интеграција.

За тоа што стои зад идејата и како нејзината евентуална реализација би се одразила на евроинтеграциите на Македонија  своите ставови ги споделија амбасадорот Ѓорѓи Филипов и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. 

Амбасадорот Ѓорѓи Филипов смета дека „Европа во три круга”  е  личен нацрт-план на претседателот Емануел Макрон, што претставува една визија за зацврстување на ЕУ и претставува пресметан потег на Макрон за зајакнување на неговата лична позиција во претстојното преструктурирање на унијата.

Алберт Муслиу, смета дека Макроновата идеја како проект за реорганизација на ЕУ е реално потребен, бидејќи, вели, глобалните односи се сменети и денес имаме повеќе сериозни глобални играчи, посочувајќи на Кина, Индија и Бразил.

Во однос на тоа каде би се нашле Македонија во  тие три круга и Филипов и Муслиу се оптимисти дека концептот нема да влијае врз интеграцијата на Македонија и останатите земји од Западен Балкан кои се во фаза на преговори со ЕУ.

СДСМ повторно го повикува Мицкоски да се изјасни за референдумот

Ајде Мицкоски охрабри се, изјасни се за што си, граѓаните се за светла иднина наместо небиднина.

Време е Мицкоски. Конечно треба да кажете за што сте и да се изјасните за референдумот.

Ако сте за иднина на Македонија во НАТО и ЕУ со признаен македонски идентитет треба да ги повикате членовите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдум и да изберат иднина.

Како тоа цела деценија зборувате за референдум а сега кога е извесно дека ќе се случи да немате јасен став?

Несериозно е да се нема став за најважните прашања за иднината на државата и граѓаните.

Или сте за светла иднина, членство во НАТО и ЕУ, признаен македонски идентитет или сте за темно минато, криминал, изолација, неизвесност.

Ајде Мицкоски охрабри се, изјасни се!

Граѓаните се за светла иднина наместо небиднина.

На 30 септември, граѓаните ќе дадат поддршка за светла иднина, за влез на Македонија во ЕУ и НАТО со признаен македонски идентитет.

ДА за македонската иднина! /МИА

Опожарена куќа во Кисела Вода, нема повредени

Пожар во куќа на улицата „Невена Георгиева Дуња“ во скопската населба Кисела Вода избувнал ноќеска околу еден часот по полноќ.

Во пожарот, како што јавува МИА, нема повредени лица, а биле опожарени 200 метри квадратни.

Во гаснењето што траело до 04:15 часот учествувале 12 пожарникари со шест противпожарни возила. /МИА

притисни ентер