Собранието на раб на кворум избра комисионери на АХВ

 Собранието на Република Македонија денеска го започна продолжението на 46. седница, откако успеа да собере доволен број пратеници за кворум.

Владејачкото мнозинство ги изгласа новите членови на Агенцијата за хартии од вредност - Лиле Делиџакова, Кирил Јовановски и Зоран Колев, а беа донесени и измените на Законот за лековите и медицинските средства, на Законот за царинска управа и за градежните производи, како и предлог одлуката за општите акти на Народниот правобранител. 

Голем дел од продолжението на 46. седницата мина во забелешки на претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери за необезбедувањето кворум и создавање услови за гласање на законите за кои претходно веќе беше завршена расправата, како и во процедуралните забелешки на координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Томислв Тунтев и Драган Данев. Тие меѓусебно се обвинуваа за немањето кворум и одговорноста што како пратеници ја имаат пред граѓаните во однос на работата на Парламентот. 

Џафери поради немање кворум, најнапред го прекина продолжението на седницата свикувајќи итна координација која требаше да помогне за обезбедување кворум, а откако седницата повторно продолжи предупреди дека од следната седница пратениците кои не се во салата за време на пленарните седници, а се во зградата на Парламентот ќе ги именува јавно, за како што кажа, грѓаните да знаат кои се тие што не доаѓаат на седници. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев одговарајќи на обвинувањата на опозицијата за необезбедување кворум од страна на владејачкото мнозинство, рече дека тактиката на ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија да не влегуваат во сала додека нема обезбедно кворум, не ја намалува нивната одговорност пред граѓаните кои ги гласале. 

Сомневајќи се дека во салата има кворум за гласање, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев побара листинг од гласањата за да може да се спореди со потписите за присуство на пратениците. 

Џафери го прифати барањето, но нагласи дека во салата има 61 пратеник и дека гласањата се полноважни. 

Сосема на почетокот на продолжението на 46. седница во процедурална забелешка пратеникот Ферид Мухиќ изрази личен протест за изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, во врска со односот на претседателот Ѓорге Иванов за договорот за името. Мухиќ рече дека бил иритиран бидејќи, како што наведе, никој не може да држи лекции на претседатели на држави без оглед каков став има и оти со тоа Хан покажал непочитување кон институциите на државата и кон државата Македонија. 

Собранието ја продолжи работата по точките од дневен ред на 47. седница. 

Со 80 гласа „ЗА” Собранието ја изгласа потребата од донесување на уставните измени

80 пратеници гласаа за потребата од промена на Уставот на Република Македонија , објави собранискиот спикер Талат Џафери.

39 пратеници гласаа против измените на Уставот. На барање на пратеникот Драган Данев за поименично гласање , пратениците се изјаснија кој гласал за промена на Уставот , со што се отвора прифаќа Договорот од Преспа за промена на името Република Македонија  и се одблокира НАТО и ЕУ интеграцијата на Македонија . 

НАТО генерал избегна атентат во Авганистан

Командантот на силите на НАТО во Авганистан , американскиот генерал Скот Милер е неповреден во нападот во Кандахар , каде загинаа две лица , а повеќемина се повредени.

Веднаш по состанокот на генерал Милер со покраинските функционери во областа Кандахар , во Авганистан , при разделбата , непознати лица отвориле оган врз делегациите. Во пукотниците загина шефот на полицијата на областа , како и еден новинар.

Неколку лица од авганистанската делегација се повредени. Од штабот на НАТО информираат дека генералот Милер е неповреден.

Пред делегацијата на НАТО да се качи во авион се слушнале истрели, а медиумите јавуваат дека меѓу напаѓачите биле и телохранителите на гувернерот.  

Растот на платите, обезбедените буџетски средства за нови капацитети и опрема се приоритет на Владата за текстилната индустрија

Министерот за финансии Драган Тевдовски и шефицата на кабинетот на Министерството за труд и социјална политика Санела Шкриељ,учествуваа на дебатата „Иднината во нашите очи“ во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“.

Како што истакна министерот за финансии, целта на Владата е да обезбеди подобар живот за граѓаните и развој на економијата, а овие две цели се заемно поврзани. Тевдовски додаде дека токму поради тоа, Владата истовремено го поддржува и растот на платите, преку мерки како минималната плата, но и техничко-технолошкиот развој на компаниите за зголемување на продуктивноста, се наведува во соопштението од Владата. 

На дебатата во Штип, Тевдовски посочи дека растот на платите најмногу се гледа кај секторите за производство на текстил, облека и преработка на кожа, како области кои порано имаа плата под минималната, но сега прагот кај нив е изедначен со останатите сектори.

Министерот за финансии на трибината на манифестацијата „Текстилијада“ која се одржува по втор пат и која им овозможува на работниците и на работодавачите да ги споделат нивните теми од интерес, нагласи дека растот на платите влијае на покачување на продуктивноста на компаниите, бидејќи подобро платените работници се помотивирани и попродуктивни. Во таа насока, за да се поддржи зголемување на продуктивноста на компаниите, Владата обезбеди буџетски средства но и евтини кредити од Европската инвестициска банка, за да ги поддржи инвестициите во нови капацитети и опрема. Министерот рече дека зголемената продуктивност на компаниите на крај ќе се отслика на развојот на економијата во целост.

Во име на Министерството за труд и социјална политика, шефицата на кабинетот на министерката, Шкриељ нагласи дека изминатата година и пол МТСП интензивно работеше на законски решенија со кои се унапредуваат работничките права. Една од тие мерки е поддршката за раст на плати со кои на работниците им се исплаќа повисока минимална плата, а работодавачите добиваат поддршка за истата и од оваа мерка веќе се гледаат резултатите. Таа информираше дека во тек е и подготовка на нов закон за работни односи кој ќе биде усогласен со европските стандарди.

На дебатата учествуваа и Благој Бочварски и Николчо Илиев, како градоначалници на Штип и Кочани, градови со доминантно текстилна индустрија.

притисни ентер