СП 2018: Шведска со пенал ја совлада Јужна Кореја

Шведска со гол од пенал на натпреварот против Јужна Кореја стигна до минимална победа од 1:0 во групата Ф на Светското првенство во Русија.

Натпреварот во Нижи Новогород изобилуваше со прекршоци. Јужна Кореја покажа подобра игра во почетокот, контролирајќи го поседот на топката. Меѓутоа, најсериозната шанса во првиот дел ја имаше Шведска преку Маркус Берг, но голманот на Јужна Кореја Чо Хјун-Ву имаше уште одлична интервенција.

Швеѓаните во второто полувреме доминираа на терен. Во 61-та минута Ким Мин-Ву го фаулираше Виктор Клаесон, а судијата Агиљар по прегледување на снимката од ВАР системот досуди пенал за Шведска.

Капитенот Андреас Гранквист го реализираше пеналот за водство на Шведска од 1:0.

Во оваа група Шведска и Мексико водат со по три бода, а Германија и Јужна Кореја се без бодови. /МИА

Австралија ги советува своите државјани да ги напуштат Израел и палестинските територии

Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“.

„Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи.

Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. /МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

притисни ентер