СиЕнЕн: Како Путин му даде дипломатски гол на светот

Кремљ можеби “завојува“ со Западот, но остатокот од светот оди токму кај Путин бидејќи Русија е домаќин на Светското првенство во фудбал, оценува „СиЕнЕн“.

И тука рускиот претседател Владимир Путин освои важни дипломатски голови – светски лидери доаѓаат во Москва на натпреварите, подигнувајќи го на тој начин угледот на Путин и ставајќи ја Русија во центарот на геополитичките случувања, оценува американската медиумска куќа.

Еве и пример, пишува „СиЕнЕн“, убедлива победа на Русите на стартот на првенството, против Саудиска Арабија, а во свечената ложа Путин го угости престолонаследникот Мохамед бин Салман. Селекцијата на Саудиска Арабија изгуби од Русите 5-0, но Путин и саудискиот принц се погрижија на светот да му порачаат дека се согласни околу светската цена на нафтата.

Офанзивата на Путин преку “шармот на светското првенство продолжува“. “На нозе“ му дојде генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за заедно со рускиот претседател да го погледне натпреварот меѓу Португалија и Мароко.

Исто така, Путин ќе биде домаќин и на јужнокорејскиот лидер Мун Јае-ин, непосредно после историскиот самит меѓу севернокорејскиот лидер и претседателот на Америка во Сингапур.

„СиЕнЕн“ наведува дека Мун прво ќе одржи говор во руската Дума, за потоа да отпатува во Ростов, каде ќе го гледа натпреварот меѓу селекцијата на неговата земја и Мексико.

Се оценува дека ова Светско првенство во фудбал ја засилило улогата на Путин во светот, исто како и зимската олимпијада одржана во Сочи во 2014 година, која значеше дека Русија е самоуверена во намерата да се врати на светската политичка сцена.

А игрите во Сочи се одржаа токму некаде во времето кога Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим, потсетува „СиЕнЕн“. Оттогаш односите меѓу Русија и западните земја се во лоши односи, а за сето тоа допринесе и соборувањето на малезискиот авион MH17 над Украина, полн со патници, за што беше обвинета Русија.

Обвинувачките “инциденти“ само се нижеа, обвинувања на сметка на мешањето во американските избори околу кои веќе одамна има истрага во САД, труењето на двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Англија, протерувањето на дипломатите, санкции.

Меѓутоа, сето тоа не ги обесхрабри странските туристи да ја посетат Русија, а да биде уште поинтересно најмногу влезници за светското првенство во фудбал се продадени токму во САД, покажуваат официјалните податоци на ФИФА.

А сликите на илјадниците странски навивачи, кои слават, навиваат и пијат алкохол на улиците на руските улици испраќаат јасно слика – Русија го дочекува светот со раширени раце и не е изолирана земја.

За европските избори во Хрватска пријавени 25 листи

Хрватската Државна изборна комисија (ДИК) доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година, јави Хина.

На 9 јуни во Хрватска ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а на нив треба да се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.

Со предавањето на списокот се означува и официјалниот почеток на изборната кампања, што ќе трае до 7 јуни, кога почнува изборниот молк.

Листата на ХДЗ ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ, Божо Петров ќе биде на чело на листата на Мост, Иван Пенава на Татковинското движење ( Домовински покрет), додека листата на коалицијата собрана околу СДП ќе ја предводи Билјана Борзан.

Јунските избори за Европскиот парламент ќе бидат четврти по ред од влезот на Хрватска во Европската унија, при што првата постава на хрватски европратеници избрана во 2013 година имаше мандат од само една година, бидејќи веќе следната година се одржаа редовни европски избори.

Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава во земјата, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори. /МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

Фестивалот „Коачела“ казнет со 28.000 долари поради Лана Дел Реј

Популарниот музички фестивал, на којшто настапија светски ѕвезди како Шакира, Доџа Кет и „Ноу даут“, „Коачела“ (Coachella) заврши, но една од изведувачките ги прекрши правилата.

Се работи за американската поп-пејачка Лана Дел Реј, поради која организаторите на фестивалот ќе треба да платат казна од 28.000 долари... Имено, пејачката настапила 13 минути подолго од предвиденото и со тоа го прекршила договорот што организаторите го имаат со Градот Индио, каде што се одржува фестивалот, пишува „Ти-ем-зи“ (TMZ).

На фестивалот, имено, му се наплаќа дневна казна од 20.000 долари за првите пет минути од пречекорувањето на времето и дополнителни 1.000 долари за секоја минута потоа. /МИА

притисни ентер