Заев: Можна е лидерска средба, но и предвремени избори доколку гарантираат успешен референдум

Премиерот Зоран Заев  очекува до крајот на  неделава да се заокружи процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името.

- Овие работи очекуваме до крајот на неделата заедно политичките лидери, претставници на политичките парламентарни партии, да ги дефинираме заради тоа што роковите се собираат, времето се собира ако сакаме да ги фатиме датумите 23 септември, 7 октомври како некои проектирани датуми. Очекувам дека оваа седмица ќе можеме да го заокружиме процесот и околу датумот за референдумот и прашањето и околу карактерот, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.

Како што рече Заев, продолжуваат разговорите околу законот за финансирање на политичките партии и изборот на ДИК, делот околу техничка влада, Пржинскиот процес...

Премиерот смета дека заслужува внимание барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори пред да се разговара за членството во НАТО и ЕУ, ако, како што вели, тоа го гарантира успешниот референдусмки процес.

- „Кога? После една година? Во секој случај вредно е за внимание кога опозицијата бара избори. Сум бил опозиција пред една година и знам дека е вредност да се седне да се разговара секако ако ова го гарантира успешниот референдумски процес како процес. Граѓаните ќе си кажат на самиот процес, но ако успее процесот да го достигнеме цензусот да ги мотивираме граѓаните да излезат за едно вакво историско прашање сите опции се отворени па дури и ова, така што заедно тоа ќе го разгледуваме, изјави Заев.

Не исклучува свикување лидерска средба во случај работните групи на парламентарните партии до крајот на неделава да не постигнат договор.

- Очекувам до крајот на оваа недела работните групи да ги решат работите заради тоа што даваме импакт и ние како лидери. Ако не се случи решение преку работните групи јас би свикал лидерска средба или кој било од лидерите од парламентарните партии би можел да свика. Редно е до крајот на оваа недела да ги заокружиме овие процеси. Граѓаните очекуваат одговори и од името на граѓаните верувам дека ќе ги дадеме сите овие одговори до крајот на неделава, рече Заев.

За понудата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски Заев да не се повлекува 100 дена пред избори, а, сепакм да има техничка Влада, премиерот рече дека во таква ситуација ќе постапи согласно дефинираното во Законот.

- Јас сум чесен човек и имам свое достоинство. Во Законот стои дека премиерот се повлекува 100 дена пред Владата и немам намера буквално да се држам до ова место ако тоа така е дефинирано во законот. Јас сум релаксиран човек и тоа ќе ми даде повеќе време за кампања за избори кога и да се случат, рече Заев.

Потенцираше дека се е вредно за разговори.

- Ставовите во делот на техничката влада ги образложувам секогаш со аргументи. Ние добивме техничка влада во пржинскиот процес за сметка на тоа што престанавме со објавување на бомбите и што ги предадовме во Специјалното јавно обвинителство. Јас не го гледам досега аргументот зошто тоа да се бара заради тоа што тогаш СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дефинираа закон каде премиерот во сите изборни циклуси се повлекува. Сега ова барање наеднаш излегува на површина и би сакал деновиве да ги слушам аргументоте зошто е тоа така, наведе Заев, дополнувајќи декла сака да ги слушне аргументите што тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе направи за СДСМ или владејачкото мнозинство отстапи.

- Ако се подготвени рамо до рамо за евроатлантската иднина на нашата заедничка Македонија зад која стоиме сите, тогаш стојам на располагање да разговараме за се. Но мора да дефинираме, ако сме за НАТО и ЕУ тоа да го поддржиме. Не може да бидеме за НАТО и ЕУ, а да бидеме против ваквите процесите кои ја донесоа Македонија пред НАТО и ЕУ. Чесно е сите лидери да ги заземат своите позиции, да излезат на површина, на чисто, заради тоа што тоа е најмалку што им го должиме на граѓаните, рече Заев.

Во коментар на тврдењата дека руски бизнисмени ги потпалувале протестите во Македонија премиерот упати на добиените извештаи по разговорите во полицијата со дел од учесниците.

- Зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добиваме. Знаете тие млади момчиња „комити“ кога нападнаа полицајци беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично, рече Заев.

Македонија, дополни, е мала земја и сака да гради пријателство со сите, вклучително и со Руската федерација.

- Мора уште еднаш да потврдиме нема алтернатива за Република Македонија освен рамноправно членство во ЕУ и НАТО. Од тој аспект секогаш ќе бидеме со доза на внимание и навистина нема да дозволиме да се поминат меѓународните договори, декларации, резолуции, применети во Македонија во делот на таквиот однос, заради тоа што дигнитетот на државата е многу важен. Како што ние го почитуваме насекаде во светот, така сакаме да биде почитувани и овде во Македонија, изјави Заев. /МИА

Во БиХ уапсени три лица кои барале пари за информација за исчезнатото девојче во Србија

Припадниците на Службата за борба против високотехнолошки криминал ја идентификувале IP адресата на налог на корисник на територијата на Босна и Херцеговина кој во живо на „ТикТок“ изјавил дека исчезнатото девојче Данка Илиќ е во неговиот подрум.

Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Република Србија уапси три лица кои се осомничени дека преку социјалната мрежа „ТикТок“ објавиле дека се поврзани на исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ, потврди српското МВР.

Припадниците на Службата за борба против високотехнолошки криминал ја идентификувале IP адресата на налог на корисник на територијата на Босна и Херцеговина кој во живо на „ТикТок“ изјавил дека исчезнатото девојче Данка Илиќ е во неговиот подрум.

Врз основа на тие информации, Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина ги уапсила Б.Т, З.Т и М.Т, извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дал осомничениот се лажни.

Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, согласно законот, ќе го изведе осомничениот кај надлежниот обвинител за понатамошно постапување.

Сараевскиот портал „Аваз“ синоќа објави дека истражителите од Одделот за компјутерски криминал на Федералната канцеларија за криминалистичка полиција, по IP адреса лоцирале лица кои тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на малата Данка, и кои побарале 50.000 конвертибилни марки (околу 25.000 евра) за обелоденување на таа информација.

Потрагата по двегодишната Данка Илиќ, која исчезна во Бањско поле кај Бор, трае од вторникот. Во текот на ноќта полицијата дежурала во куќата каде исчезна девојчето. Во текот на вчерашниот ден со багер е расчистено земјиштето околу куќата во Бањско поле, од каде на девојчето и се губи секаква трага. Целта на ваквиот потег, како што јави дописникот на РТС, е да се провери дали има докази под гранките кои би помогнале во истрагата.

Во потрагата по девојчето учествуваат стотици припадници на полиција, жандармерија, ГСС, ловџии. Беа распоредени и беспилотни летала, со термални камери, а хеликоптерска единица го надлетува теренот.

Иако полицијата во средата соопшти дека потрагата на терен се прекинува, бидејќи сè укажува дека девојчето не е во областа од која исчезна, полициските сили и спасувачките екипи се се уште на терен. Воедно, полицијата информира дека во тек е интензивна оперативна работа. /МИА

Петровска и Кросето ќе потпишат договор за патролирање над македонското небо

Министрите Петровска и Кросето ќе потпишат Технички договор за вклучување на Италијанските воздухопловни сили во НАТО за патролирање над македонското небо.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето денеска во Центарот за обука на пилоти во касарната во Петровец, ќе го потпишат Техничкиот договор за вклучување на Италијанските воздухопловни сили во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо, соопштија од Министерството за одбрана.

На потпишувањето на Техничкиот договор со кој Италија и официјално ќе биде вклучена во оваа НАТО мисија, како што е најавено, ќе му претходи заедничка средба на двајцата министри.

- Небото на Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Македонија, се додава во соопштението.

Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.

Сончево и топло со мала локална облачност

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.

Како што соопштија од УХМР, минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена.

Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата. /МИА

притисни ентер