Манчестер Јунајтед одигра нерешно на првиот контролен натпревар во САД

Манчестер Јунајтед ја стартуваше претсезонската турнеја во САД со реми 1:1 против мексиканскиот клуб Америка. 

Дуелот помеѓу двата тима се одигра во Глендејл, Аризона, а „црвените ѓаволи“ беа без голем дел од главните фудбалери.

Учесниците на Светското првенство 2018 (12 на број) не патуваа во САД, додека проблемите со визите го одложија приклучувањето на Алексис Санчез. И новото засилување Фред не учестваше во натпреварот. Недостатокот на ѕвезди и високите цени на билетите ја одвратија публиката, па стадионот беше полупразен.

Резултатот го открија Мексиканците по час игра, преку напаѓачот Хенри Мартин, кој постигна гол со глава против дебитантот Ли Грант. Во 78-та Јунајтед стигна до реми преку Хуан Мата, кој реализираше одблизу, откако претходно топката се одби од гредата.

Следната проверка на Манчестер Јунајтед е на 23 јули, а ривал на тимот на Жозе Мурињо ќе биде Сан Хозе. /МИА

Давид Силва се повлече од шпанската репрезентација

Фудбалерот Давид Силва соопшти дека се повлекува од шпанската репрезентација.

Силва во дресот на Шпанија одигра 125 натпревари, а дебитираше во 2006 година и по 12 години ја завршува репрезентативната кариера.

- Размислував долго и не беше лесно да се донесе оваа одлука. Националниот тим ми даде многу и ми помогна да созреам како фудбалер и како личност, истакна 32-годишниот фудбалер.

Фудбалерот на Манчестер сити беше дел од славната генерација на шпанската репрезентација, која ги освои Европските првенства во 2008 и 2012 година, како и Светското првенство во 2010 година.

Во саботата и Жерард Пике соопшти дека се повлекува од шпанската фудбалска репрезентација.

Маса: Алонсо секогаш создава раздор во тимот

Поранешниот возач на Формула 1, Фелипе Маса, изјави дека почувствувал олеснување кога Фернандо Алонсо го напуштил Ферари, клуб во кој двајцата заедно се натпреваруваа четири години.   

Неодамна и шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, со сличен став ја отфрли можноста Алонсо да ја пополни празнината по заминувањето на Даниел Рикардо во Рено. Хорнер нагласи дека не сака да соработува со него, бидејќи не сака „да внесе хаос во тимот“.

Иако тогаш тоа беше сфатено со резерва, меѓутоа гласините за Алонсо ги потврди и неговиот колега Маса, кој четири години со него ја делеше гаражата.

- Со Алонсо секогаш нештата се на граница на кавга. Никогаш не сме имале проблеми приватно, но кога ќе седне зад воланот станува друга личност, која создава раздор во екипата. Mожете да забележите во сите тимови каде настапувал имало кавги, истакна Маса.   

Алонсо има 36 години и се уште нема договор за следната сезона, но според шпанските медиуми поранешниот шампион најверојатно ќе остане во тимот на Мекларен

Македонија ја совлада Данска на ЕП за кошаркари до 16 години

Кадетската репрезентација на Македонија убедливо ја совлада Данска со 99:89 на Европското првенство (дивизија Б) за кошаркари до 16 години што се одржува во Сараево.

Данска одлично го започна натпреварот, а во првата четвртина водеше и со осум поени разлика. Но, македонските кошаркари во втората четвртина успеаја да се консолидираат и да се вратат во игра.

Во третиот и четвртиот период избраниците на Александар Јованчев го диктираа темпото на игра и направија целосен резултатски пресврт.

Марко Миловановиќ со 30 поени, седум скока и четири асистенции беше најефикасен во македонската репрезентација, а Андреј Андоновски постигна 22 поени.

Македонија утре ќе се соочи со репрезентацијата на Норвешка.

притисни ентер