МОТ со 18 претстави, почнува со филмската пародија „Блокбастер"

Редистрибуција на богатството во општество поделено на многу богати и многу сиромашни е тема која ја отвора претставата „Блокбастер“ на белгискиот „Колектив Мензуел“ која утре во МНТ ќе го отвори 43. Млад отворен театар.  

- Го поставуваме прашањето дали таа ситуација може да продолжи така или треба да се направи конфликт. Претставата третира проблеми за екстремната сиромаштија во светот, но и еколошки проблеми на планетата. Сакавме да создадеме сценарио во кое народот е разлутен, се разбудил и прави нешто во врска со тоа. Нашиот театар е ангажиран и политички афирмиран, зашто сметаме дека токму театарот е место за дискусија и дебата, рече денеска на прес-конференција Рено Рига, еден од петтемина учесници во проектот кој нема режисер.

Тие се колектив во кој сите заедно (музичари, актери и уметници што се занимаваат со видео и кино) колегијално донесуваат одлуки. Рига истакна дека се обидуваат да бидат што популарни и пристапни до целата јавност, и до тие што немаат познавања за театарот и уметноста, и затоа користат хумор како инструмент за протест.

Нивната 80-минутна претстава е филмска пародија, создадена со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Баптист Исаја, член на колективот, истакна дека со конструкција на деловите создаваат филм. За време на претставата, рече тој, филмот се прикажува во заднина, а на сцена ги произведуваат сите звуци и шумови, дијалози и целата музика.

- Почетна точка на „Блокбастер“ е еден филм направен од водечките класи наменет за народните слоеви во општеството. Одлучивме да направиме еден аикидо чекор - го земаме оружјето од нашиот противник и го користиме против него, додаде Исаја, нагласувајќи дека се носат со политичката димензија на театарот и дека самото постоење на театарот е политички чин. Проектот е продуциран пред точно три години и имал повеќе од 200 гостувања.

Технички невозможно било да ги добијат авторските права за сите филмови од кои извадиле елементи за претставата, особено затоа што за американските филмови нема застапници во Европа. - Но постои право на пародија, што значи може да се користи одреден дел или филм доколку целта е пародија и да направите публиката да се смее, а притоа не му штетите на самото дело или на авторот. Тоа ни овозможи да функционираме беа авторски права, рече Исаја.

МОТ ќе трае до 28 септември и на програмата се 18 претстави со повеќе од 200 артисти кои ќе настапат на сцените во Скопје. Меѓу нив се и три македонски премиери.

- Жанровски, естетски и програмски МОТ е можеби најразличен досега како целина. Девет фестивалски вечери со претстави од многу европски земји, во придружните програми и од Египет и Русија, рече Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар кој го организира фестивалот.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на прес-конференцијата рече дека МОТ секогаш одел против стереотипите и ги кршел бариерите и границите на свој начин, со што, рече, е фестивал-предвесник на револуции во општеството.

- И денес МОТ треба да го има тоа значење - да биде различен од конвенционалното. Очекувам многу инспиративни моменти на годинашниот Млад отворен театар, рече скопскиот градоначалник.

Во деветте фестивалски дена МОТ ќе се одржува на осум сцени во главниот град - Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала во МКЦ и Драмски театар.

Програмата е веќе обајавена на mot.mk. До денес билетите се продаваат по цена од 200 денари, а од утре ќе бидат по 300 денари.

Фифти Сент ќе бара самостојно старателство над синот

Американскиот рапер Фифти Сент ќе побара самостојно старателство над синот што го има со Дафне Џој, откако таа е посочна како наводна сексуална работничка во тужбата против музичарот Шон Комбс - „Диди“.

„Со оглед на најновите случувања и вести за вмешаноста на Дафне Џој во тужбата на Диди, Фифти Сент ќе бара самостојно старателство над неговиот син“, изјави извор близок до двојката за „Ју-ес викли“ (Us Weekly).

Портпаролот на Фифти рече дека нема коментар за овие наводи.

Раперот и Дафне беа во врска во 2011. и 2012 година. Тие се разделија набргу по раѓањето на нивниот син Сајр. По последните наводи, Фифти на својот интернет-простор објави фотографија од себе со пура и не многу пријателски коментар за поранешната девојка.

„Не знаев дека си сексуална работничка. Мала сексуална работничка. 'ЛОЛ'. Овие г**нарии се претворија во филм", напиша музичарот.

Според западните медиуми, во судските документи Дафне Џој е обвинета дека била вмешана како сексуална работничка, заедно со Јанг Мајами и Џејд Рејми, во наводниот синџир за секс-трговија на Диди. За нив, наводно, раперот „се фалел“ дека им плаќал „месечна стипендија“ за нивната сексуална работа./МИА

Индустриското производство во февруари зголемено за 0,3 отсто

Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани е поголемо за 0,3 отсто. 

Во периодот јануари – февруари 2024 година, пак, споредено со првите два месеца од 2023, растот изнесува 1,5 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст од 5.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 0.8 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14.5 %. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки, Производство на останата опрема за транспорт, Производство на мебел, Останата производствена индустрија и Поправка и инсталирање на машини и опрема.

Според главните индустриски групи, производството во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.9 %, Капитални производи за 4.8 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 3.4 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 15.4 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9 %

Фетел одговори на прашањето дали се враќа во Формула 1

Себастијан Фетел го прекина молкот за гласините за неговото враќање од пензија за да го замени Луис Хамилтон во Мерцедес.

Четирикратниот светски шампион се прости од трките на крајот на 2022 година во автомобил на Астон Мартин за да помине повеќе време со семејството, но германскиот возач тогаш за можното враќање рече: „никогаш не треба да се каже никогаш“.

Откако Хамилтон во февруари објави дека ќе го напушти Мерцедес и ќе се пресели во Ферари од 2022 година, се шпекулираше дека Фетел ќе го замени, но…

-Сè уште сум заинтересиран и ги следам трките. Во моментов се случува многу - на и надвор од патеката. Но, за мене Формула 1 не е во фокусот во моментов. Кога заминував, реков дека никогаш не вели никогаш за враќањето, но намерата не ми беше да застанам и потоа да почнам повторно, изјави Фетел и со тоа ги демантираше гласините дека се враќа. /МИА

притисни ентер